Search
Search

„Кафез на кокони“ – претстава која ги крши стереотипите за луѓето со поинаква сексуалност

Сместена во Сен Тропе, во веселите седумдесети, претставата „Кафез кај кокони“ покажува дека педесет години потоа, овие прашања се сѐ уште отворени и провоцираат дијалог низ истата структура на хумор, игривост и дрскост.

Мајсторски конструирана од познатиот актер и комичар Жан Пуаре како комедија на ситуации, забуни и карактери, ја освојува публиката на прв поглед и доживува над 2000 репризи. Игрив и забавен, но и храбро проткаен со сериозни теми дотогаш неприкажани на толку експлицитен и дрзок начин, текстот со хумор и леснотија задира во многу комплицирани теми: потребата за општествено прифаќање, сексуална слобода, избор во љубовта и потребата да се задржи личниот интегритет, а ја има својата праизведба во февруари 1973 година во Париз.

Претставата „Кафез кај кокони“ во режија на Димче Николовски, ја освои публиката на Драмски театар во Скопје во петокот, а не се препорачува на лица помлади од 18 години.

И покрај тоа што е изградена врз база на одредени стереотипи, пиесата како и сите нејзини адаптации, има важна улога во кршењето на бариерите и предрасудите за тоа како се претставуваат и прифаќаат луѓето со поинаква сексуалност. Акцентот во претставата е ставен на потребата за љубов, независно дали таа се раѓа во услови на хомо или хетеросексуални релации, меѓу брачни сопружници, или пак, станува збор за љубов кон своите блиски.

Улогите во „Кафез кај кокони“ ги играат: Жорж – Филип Трајковиќ, Албен – Александар Степанулески, Жакоб – Стефан Вујисиќ, Табаро – Предраг Павловски, Мерцедес – Димитрија Доксевски, Зорба – Маја Вељковиќ Пановска, Лоран – Дамјан Цветановски, Камиј – Соња Стамболџиоска, Едуар – Златко Митрески, Мјуриел – Нела Павловска, Симон – Емилија Мицевска и во улогата на Саломе – Бранко Атанасов.

Сценографијата е на Николовски и Бошковски-Буцко, костимографи се Раде Василев и Елена Вангеловска. Кореограф на претставата е Кренаре Невзати-Кери.

С.Т.

АКТУЕЛНО