Комарците ги „нападнаа“ скопјани, Арсовска тера предизборна кампања

Комарците почнаа да ги напаѓаат скопјани, а градоначалничката Арсовска е повеќе зафатена со предизборната кампања отколку со градските работи и грижата за здравјето на граѓаните.Градот Скопје минатата година на  13 април  ја апочна првата фаза од дезинсекцијата на подрачјето на градот Скопје против лаври од комарци, сега сме веќе мај, а граѓаните веќе реагираат на социјалните мрежи дека е навистина отежнат престојот надвор бидејќи комарците почнале да  касаат што беше случај и минатата година кога и експертите предупредија дека се повеќе се размножува тигрестиот комарец во земјава.

Од Град Скопје молчат, не кажуваат дали ќе прскаат, ниту пак кога ќе прскаат оваа година. Исто така молчат и дали планираат да користат нови препарати. Испративме прашања, но одговор не добивме до објавувањето на текстот.

Тигрестиот комарец (Aedes albopictus) е еден од најинвазивните видови комарци. Потекнува од Југоисточна Азија, но во изминативе децении почна да се колонизира на сите континенти. Во нашата земја првпат е докажан во 2016 на границата со Грција.

Токму за него се користи неефисканото воздушно прскање кое воопшто не помага туку е потребно земско прскање со поинакви препарарати. Доказ за неуспешноста е и што и по повеќе од шест акции на прскање минатата година, кај скопјани имаше сериозни алергиски реакции за кои не помагаа ниту познатите средства.

Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје во 2017 и 2018 година учествуваше во твининг-проект на Агенцијата за храна и ветеринарство кој беше финансиран од европски фондови. Во рамките на тој проект најпрвин во 2017 година беа истражувани повеќе локации во Југоисточна и Источна Македонија. Тигрестиот комарец беше докажан само во југоисточниот регион на границата со Грција и на една локација во Скопје, во близина на автобуската и железничката станица.

На овие локации беше извршено прскање за да се сузбие ширењето на тигрестиот комарец, а директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство преку медиумите ја информира јавноста дека е пронајден овој вид комарец. Наредната 2018 година во сите општини на град Скопје беа поставени мамки и неговото присуство се докажа во 3 општини. Но, сега со сигурност можеме  да кажеме дека е присутен на целата територија на град Скопје.

За разлика од повеќето други видови комарци каде што женките напаѓаат во текот на вечерните часови, женките на тигрестиот комарец напаѓаат и цицаат крв во текот на целиот ден, но не и во текот на ноќта. Тие се многу поагресивни и поинтензивно напаѓаат. Алергиските реакции кај луѓето како последица на каснувањето од тигрестиот комарец најчесто се поинтензивни и поболни. Бидејќи женките положуваат јајца и во многу мала количина вода, потребно е секој граѓанин да внимава да нема застојана вода во својата околина, особено оние што имаат дворови. Дури и најмала количина на застојана вода во какви било садови, како што се саксии, пластични кутии, мали шахти итн. може да биде идеално место за размножување на тигрестиот комарец.

Македонските општини за борбата со комарците минатата платиле 770 илјади евра. Тендери за справување со комарците имале 39 општини и еден плански регион со 9 општини. Ова значи дека вкупно 48 општини годинава презеле мерки за уништување на комарците, покажува најновата анализа на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Најголем договор за уништување на комарците има Град Скопје, кој лани, за двегодишен третман против комарците од воздух и од земја, платил половина милион евра. Од другите општини, повеќе пари за уништување на комарците платиле оние кои најмиле услуга за авионско прскање, и тоа Велес, Кавадарци, Кочани, Куманово и Штип.

Анализата покажува дека општина Велес издвоилa 32.464 евра, Општина Кавадарци платила речиси 26 илјади евра, а Кочани – 24.790 евра. Куманово и Штип платиле околу 20 илјади евра.

Увидот во тендерите за прскање против комарци за годинава покажува дека 35 општини со бореле со комарците од земја, односно имале тендери за т.н. терестичко прскање. Други 6 општини, пак, се справувале со комарците од воздух, односно имале тендери за т.н. авионско третирање. 7 општини имале и земјено и воздушно прскање.

Од вкупно 13 договори за јавна набавка за авионско прскање, 11 тендери добила кумановската фирма Бониер, додека останатите два, меѓу нив и највредниот, скопскиот, ги добил Аероклубот Скопје.

Кај договорите за уништување на комарците од земја, предничи кавадаречката фирма Лиса-Ком МС, со склучени 9 договори. Следен е Центарот за јавно здравје Скопје со 7 договори.

Од Центарот за граѓански комуникации посочуваат дека цените што ги плаќаат општините за оваа услуга се многу различни и зависат од тоа дали прскањето е авионско или од земја, од опфатената површина, но и од бројот на третмани, бидејќи многу општини предвидуваат по неколку третирања во текот на годината. Сето ова ја отежнува и споредбата на цените.

Најевтино за еден хектар прскање плаќа Град Скопје, само по 11 денари за хектар прскање од земја. Авионските прскања чинат од 216 денари за хектар колку што плаќа Град Скопје, до 2.230 денари за хектар колку што платила Карбинци.

Кога станува збор за средството со кое се прска против комарци и ларви од комарци, општините не се многу прецизни во описот. Само две општини нагласуваат дека средството мора да биде еколошко, а други две општини наведуваат и какво средство или негов еквивалент би сакале. Сите општини наведуваат дека средството мора да има решение за промет и да биде одобрено од Министерството за здравство, велат од ЦГК.

С. Т.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави