Search
Search

Ковачевски – Шолц: На Македонија ѝ е потребна интеграција, а не изолација

Премиерот Димитар Ковачевски вчера на Самитот на лидери на Берлинскиот процес, што се одржува во Тирана вчера се сретна со германскиот канцелар Олаф Шолц. На средбата на која присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во фокус на разговорите била европската перспектива на Македонија и актуелните случувања во регионот.

Како што соопштија од Влада, Шолц на средбата ја потврдил поддршката за реализација на следниот чекор на зацртаниот пат кон пристапувањето во ЕУ, а напорите на Македонија за продолжување на евроинтеграцискиот процес биле поздравени и препознаени како позитивен исчекор и напредок во исполнувањето на критериумите за пристапување.

Германскиот канцелар порачал дека е многу важно Македонија да го продолжи европскиот пат и земјата да постигне консензус за стратешките прашања кои се од интерес на граѓаните.

Премиерот Ковачевски истакнал дека не смее да се пропушти оваа неповторлива шанса и треба да го дадеме нашиот глас за Европа. Потенцирал дека на Македонија ѝ е потребна интеграција, а не изолација и дека гласот во парламентот за уставните измени е глас за европската иднина на државата.

Соговорниците се согласиле дека забрзувањето на интегративните процеси е во интерес на политичката, безбедносната и економската стабилност на целиот регион. Пристапувањето и крајно, членството во ЕУ значат економски и општествен развој, социјална правда, врвна демократија, функционално владеење на правото, како и севкупно подобрен животен стандард.

-Премиерот Ковачевски изрази благодарност за досегашната принципиелна поддршка и посветеност од Германија како еден од нашите најблиски сојузници, како во процесот на пристапните преговори, така и преку Берлински процес како катализатор на регионалната соработка, чија цел е ги поврзе земјите од Западен Балкан и Европската Унија и да помогне да градат меѓусебни односи врз основа на европските вредности. Лидерите разговараа и за конкретните придобивки од Берлинскиот процес преку кој ќе се продолжи и со подигнување на нивото на политичка соработка, што за Северна Македонија и регионот претставува многу значаен елемент на патот кон евроинтеграциите – се вели во соопштението.

АКТУЕЛНО