Личната трагедија ја преточи во борба за подобро утре на пензионерките

Лиле Игнатоска е пензионерка од Скопје. Таа неодамна е избрана за претседателка на Активот на жените пензионерки во Ѓорче Петров бидејќи како што вели тие се моторна сила на реализација на принципите на заемност и солидарност кај пензионерите.

-Се соочив со големи несреќи во животот. Пред девет години го загубив синот, а пред околу три годинии сопругот. Имав две опции во животот, да легнам и буквално да не функционирам или пак да продолжам да се борам. Болката ми ја намалија внуците, кои и денеска ме мотивираат да бидам подобра личност, да се радувам на нивните успеси и едноставно да го искористам секој ден од остатокот од животот, раскажува Лиле за Градска.мк.

Бидејќи внуците се веќе големи, таа одлучила да се приклучи кон Здружението на пензионери, а подоцна и да се кандидира за претседателка бидејќи како што вели има доволно време и енергија за да направи промени во животот на пензионерите.

-Ние треба да си помагаме едни на други. Сега јас сум во добра физичка кондиција, но еден ден можеби и мене ќе ми треба помош. Слушам дека постојано се критикуваат помладите, но не треба секогаш да им се лутиме. Тие живеат многу брз живот имаат многу работни обврски, а ние како пензионери кои сме физички активни треба да направиме нешто и за нас самите, додава таа.

Според Лиле, Активот на жените на Здружението на пензионери активно го промовира волонтерството како општествена корисна активност на членките волонтери, кои би им помагале на пензионерите при набавка на намирници, плаќање на сметки, помош при посета на здрвствени институции, одржување на хигиена во домот, посета на културни настани итн.

-Пензиите не се големи, но сепак се доволни за животот на еден пензионер, сега имавме и зголемување. Но сепак има членови и членки на кои им се потребни повеќе финансиски средства за да ангажираат асистенти и помошници. Сепак дури и во странство многу од овие услуги се обезбедуваат преку волонтирање, зошто да не го правиме и ние тоа? Ќе ни овозможи физичка активност која ние многу потребна, а ќе имаме и поголема комуникација и дружба, вели Лиле.

 Таа вели дека имаат редовни состаноци во текот на целата година, но и заеднички средби со одделни комисии на здружението во области кои ја тагираат жената пензионерка, со членови од локалната самоуправа, граѓански организации како и Репувличката организација на црвениот крст и општинскиот центар за социјална заштита.

-Покрај напорната работа, ние организираме и бројни патувања на интересни локации во земајава, но и надвор од неа во околните држави. Но организираме и дружби за најразличните празници, посета на кина и театри. Во рамки на активот имаме и хор, како и драмска, рецитаторска и ликовна секција. За 1 октомври, Светскиот ден на старите лица организираме и натпревари во шах, пикадо, домино и изложба на рачни ракотоворби и гастрономски специјалитети.

Соња Танеска

АКТУЕЛНО