ФОТО: Wikimedia commons

Македонците во Албанија според традициите го одбележаа Велигден

Најголемиот христијански празник Воскресението Христово – Велигден беше одбележан насекаде низ Албанија каде живеат православни Македонци, како во Мала Преспа, Голо Брдо, Врбник и во поголемите градови Тирана, Корча, Подградец, Елбасан, Драч и други градови, пренесува електронското издание на весникот „Илинден“.

– На Велигден, Македонците во Албанија славеа со своите најблиски, во домашна атмосфера и со богата трпеза, додека прославата на празникот започна на Велики четврток уште пред изгрејсонце кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца, наведува весникот.
Во чест на Воскресението Христово – Велигден во Мала Преспа, изминатите денови, богослужба на македонски јазик во црквите во деветте села на општина Пустец, одржаа отец Алексо Темелко и Ропи Арѓири, додека Македонците во духот на православието и македонските обичаи и традиции си разменија желби за здравје, среќа и благосостојба.
– Како и секоја, така и оваа година за Велигден, Македонците од Албанија кои се во емиграција, се вратија во своите родни места и заедно со своите најблиски го прославија Воскресението Христово – Велигден, кои денеска почнаа да се враќаат во земјите каде работат и живеат, додава весникот.
По традиција лидерот на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјовски  беше во посета на седиштето на Митрополијата во Корча, каде беше примен од корчанскиот митрополит Јован.

АКТУЕЛНО