Search
Search

Македонските граѓани ќе може да патуваат во БиХ со лични карти, информира Бојмацалиев

Македонските граѓани ќе може да патуваат во Босна и Херцеговина (БиХ) со лични карти, соопшти дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, по телефонскиот разговор што утрово го имал со министерот за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ, во кој разговарале за ова прашање.

Информацијата Бојмацалиев ја сподели на својот официјален фејсбук-профил, а за истата содржина е објавена и на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Со министерот Нешиќ разговаравме во насока на тоа во Босна и Херцеговина да може македонските граѓани да патуваат со лични карти, почитувајќи ја Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на Министри на Босна и Херцеговина за условите за патување на државјаните на двете земји, потпишана во 2018 година“,

се наведува во соопштението на дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи во техничката влада.
Во него, тој потсетува дека граѓаните на земјава можат да патуваат во Србија, Албанија и Косово со лични карти со старото уставно име.

„Во оваа прилика го истакнав значењето на градење мостови со пријателските земји, и оваа можност е во рамките на засилената соработката и унапредените односи помеѓу Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина во изминатиов период, а истата пракса е веќе воспоставена и со Република Србија, Албанија и Косово каде што се дозволува влез со лична карта со старото име на државата“,

пишува Бојмацалиев и додава дека МВР е подготвено да стори сè што е потребно за да им овозможи на граѓаните да ги оставарат своите со Устав загарантирани права.

Инаку, личните карти не се најдоа како дел од проблемот со замената на личните документи, конкретно пасошите и возачките дозволи. Причината за тоа беше сплет на повеќе околности. Имено предлог-измените на законот со кои се ограничува важењето на личните карти со старото уставно име до 12 февруари 2024 година не поминаа во Собранието во летото 2021 година и останаа заглавени до ден денес.

Како личните карти без Северна ги надживеаја пасошите и возачките дозволи

Што се однесува до Босна и Херцеговина, таа засега е единствената земја која писмено извести дека не дозволува движење – влез и излез од нејзината територијата, за македонските граѓани кои имаат валидни пасоши со старото уставно име на државата. Известување, исто така, стигна и од Швајцарија, чии власти пак одлучија да дозволат излез од државата на македонските граѓани со пасоши со старото име.

Вчера министерот за внатрешни работи во техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски информираше дека на одделни средби со амбасадорите на Австрија и Хрватска во земјава Мартин Памер, односно Нивес Тигањ бил известен дека овие две земји членки на ЕУ имаат разбирање за проблемот со замената на патните исправи и не им прават проблеми на македонските граѓани при нивното движење со стари пасоши со валиден рок. Средбите со амбасадорите Тошковски ги оствари заедно со дополнителниот заменик-министер, Бојмацалиев.

Австрија и Хрватска дозволуваат движење на македонските државјани со стари пасоши, вели Тошковски

Дел од земјите членки на Европската Унија изминатиов период покажуваат флексибилен однос околу движењето на македонските државјани низ нивните држави со пасоши со старото уставно имено, додека во земјава се прават напори и се бараат решенија за доцнењето со замената на пасошите, која согласно Преспанскиот договор требаше да заврши заклучно со 12 февруари.

АКТУЕЛНО