Младите играорци на „Етнос“ – Бисери на македонското културно наследство

На големата сцена во Македонската опера и балет во петокот се одбележа јубилејот, 20 години фолклорен ансамбл „ЕТНОС“, а пред полната сала и бројните аплаузи, повеќе од 200 млади момци и девојки до последен здив, со искрени насмевки и од срце презентираа огромен број кореографии, „Мијачка“, „Лазаренки“,„Беломорски бисер“,„Водичарки“, „Драчeвка“ итн.

Формиран како Детско фолклорно студио, „Етнос“ прерасна во Ансамбл каде се изучува и презентира македонското нематеријално богатство, изразено преку народното оро и песна, а со поддршка од Минисерството за култура, како и општините „Карпош“ и „Ѓорче Петров“.

 

„Етнос“ со децении го собира, негува и уметнички го надградува македонското фолклорно богатство и го претставува во земјата и надвор од нејзините граници. Оттогаш ансамблот има бројни кореографии, илјадници концерти низ светот, огромен фонд на песни, ора, оригинални носии и сценски адаптации. 

-Почнавме со 10, сега броиме 210 членови, почнавме со една игра, сега располагаме со огромен репертоар. Од една носија, стигнавме до преку 30 комплети од цела Македонија. Наградувани на голем број фестивали низ Македонија, а ги освоивме сцените и наградите на голем број европски фестивали. Вашата безрезервна љубов и поддршка отсекогаш биле движечката сила на нашиот успех, и за тоа сме ви вечно благодарни, рече во својот емотивен говор, претседателот на ансамблот Ване Наков.

Кореографиите кои ги испеаја и ги претставија играорците беа под водство на Теодора Стојановска и Сашко Атанасов, уметнички раководител е Тодорка Накова, костимограф Далибор Милиќевиќ, технички директор Маја Мешова.

И нема да е претерано ако кажеме дека недвосмислената убавина на нашиот фолклор е еден од најблескавите бисери во ѓерданот на светското културно наследство. 

 

 

 

 

 

 

АКТУЕЛНО