МОН и БРО не биле надлежни за промена на учебниците, а што велат препораките на историската комисија

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија досега усогласи препораки за заедничко одбележување на св. Кирил и Методиј, св. Наум Охридски, св. Климент Охридски и цар Самуил. Истовремено, Комисијата усогласи и по пет препораки за учебниците по историја за 5. клас во Бугарија и за 6. одделение во Северна Македонија кои се однесуваат на периодот на антиката.

До крајот на годината се планирани уште три средби на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, а состаноците се планирани во периодот од септември до декември.

Претходните средби се одржаа во февруари и во март годинава, а според најавите за 2023 година треба да бидат одржани вкупно пет средби на историчарите. Тоа е речиси двојно помаку од она што е препорачано со вториот Билатерален протокол усвоен лани во јуни на вториот состанок на заедничката македонско-бугарската владина комисија, чие усвојување беше услов Софија да го крене ветото за почеток на македонските преговори за членство во ЕУ.

И лани, покрај намерата за поголема динамика на средбите, имаше вкупно шест состаноци.

За она што ќе го договорат историчарите преземена обврска е во рок од две години да се најде во учебниците, а истите резултати треба да „се рефлектираат врз содржините на натписи на споменици, знаци, информациски материјали во музеи и други објекти со образовно и културно значење, како и релевантните информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост“.

Историската комисија досега усогласи препораки за учебниците по историја за петто одделение за Бугарија и за шесто одделение во Македонија, но засега е неизвесно дали Владата од следната учебна 2023/2024 година ќе ги имплементира овие препораки.

Од министерството за образование и наука во одговор за Градска.мк велат дека согласно закон, нови учебници се изработуваат исклучиво врз основа на усвоени нови наставни програми за кои задолжено е Бирото за развој на образованието.

Така што по однос на прашањето, потребно  е да се обратите до БРО, велат од министерството.

Од Бирото за развој на образованието се прогласија за ненадлежни по ова прашање.

Бирото за развој на образованието не е надлежна институција за спроведување на постапки за изработка, одобрување и издвање на учебници за учениците во основното и средното образование. Бирото е надлежно за изработка и предлагање на Министерството за образование и наука на стручни документи, концепции, наставните планови и програми, а воедно е надлежно за истражувањата во образованието, за професионалниот развој на наставниците и стручните соработници, и дава постојана советодавна-стручна поддршка на наставниците и стручните соработници со цел унапредување и развој на воспитно-образовната дејност во областа на предучилишното, основното и средното образование. Бирото за развој на образованието нема добиено насоки за постапувања од Министерството за надворешни работи преку кое се координираат процесите и активностите кои произлегуваат од билатералните односи, велат оттаму за Градска.мк.

До објавувањето на текстот од Министерството за надворешни работи не добивме одговор дали се испратени препораки со Бирото за развој на образование.

Во јавноста пак веќе се шират содржини дека учебниците се сменети и дека промените се погубни за нашата историја, сепак во продолжение може да прочитате кои се досегашните препораки и за какви измени во учениците се работи.

Комисијата препорача во учебниците по историја за шесто одделение да има поголема застапеност на проблематиката поврзана со античка Тракија и Тракијците. Втора препорака е дека сугестиите за континуитет меѓу античка Македонија и современата македонска држава содржат историски анахронизам. Трета препорака е дека сугестиите за институционален континуитет меѓу мисијата на апостол Павле и средновековните црковни структури што постоеле на територијата на денешна РС Македонија се неосновани. Се препорачува и дека историските карти на античката македонска држава ќе бидат попрецизни ако соодветствуваат на конкретен временски период и дека при претставување на некои антички заедници е потребно да се земат предвид водечките тези во историографијата за нивните етнокултурни карактеристики (како на пример, Пајонците, Дарданците, Мигдонците).

Владата презела обврска да подготви и да достави прелиминарен урнек од лекција за седмо одделение од образовната програма на тема Самоилова држава, а во согласност со препораката на Историската комисија. Ова треба да се имплементира пред втората конференција во Брисел за комплетирање на фазата на отварањето на преговорите со ЕУ, што значи до септември.

Со Вториот билатерален протокол е преземена и обврската Владата до почетокот на учебната 2023-2024 година да ја промени содржината на учебникот по географија за седмо одделение, заради неосновани етнички и територијални претензии. Разликата од обврската за лекцијата за Цар Самоил е во тоа што оваа обврска треба да се исполни после завршувањето на втората конференција за комплетирање на фазата на отварањето на преговорите, а за што претходно е неопходно Македонија да ги внесе Бугарите во Уставот, па не е јасно дали важи обврската Владата до септември да ја смени содржината на учебникот по географија.

За царот Самоил Комисијата го препорача следниот текст:

„Цар Самоил е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија. Тоа опфаќа значителен дел од земјите и населението на Балканскиот Полуостров. Цар Самоил и неговата драматична судбина се симбол на заедничката историја, којашто се споделува од двете современи држави Република Северна Македонија и Република Бугарија. Заедничката комисија им предлага на двете влади, во духот на потпишаниот двостран Договор, одбележувањето на цар Самоил да биде знак на споделени вредности и вистинско добрососедство и пријателство“.

На последните средби на Мешовитата историска комисија во февруари и во март тема биле прашањата за учебниците по историја во двете држави врз основа на меѓусебно разменетите забелешки. МНР тогаш информираше дека „членовите на Комисијата размениле идеи и аргументи како да се подобрат учебниците по историја и размениле неколку предлог-препораки кои остануваат основа за понатамошни разговори“.

Соња Танеска

АКТУЕЛНО

Поврзани објави