Мостот кај „Ист гејт“ ќе остане целосно затворен за сообраќај – испукана е бетонската облога под него

За причините за пожарот, како што изјави Стојанче Ангелов, ќе треба официјално да се произнесе Министерството за внатрешни работи, иако, според првиот човек на ЦУК, една од можните причини е спој на високонапонските кабли или човечки фактор. Второто, според Ангелов, е поверојатно, со оглед на тоа што, како што рече, под мостот имало душеци и ќебиња, што значи дека таму престојувале луѓе.

Мостот „Беласица“, кој ги поврзува Железничката станица и Трговскиот центар „Ист гејт“ во Скопје, а кој синоќа беше опожарен, ќе биде целосно затворен за сообраќај додека не се утврди колкава е нанесената штета и дали е безбеден за поминување, изјави денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Мостот од утринава беше затворен за автомобили, а отсега ќе биде затворен и за пешаци и велосипедисти. Ангелов информира дека се забранува и движење под мостот, односно по кејот на реката Вардар на потегот под мостот поради опасност од паѓање делови од заштитната бетонска облога со која е обложен долниот дел на мостот, а која е испукана поради пожарот.

„Подобро мостот да биде затворен и да заштедиме некој човечки живот, отколку тој да падне додека по него се движат луѓе. Безбедноста на граѓаните е на прво место. Доколку Градот Скопје добие информации од стручните служби и институции оти мостот е безбеден за пешаци, тој би бил отворен веднаш откако би била добиена таква информација. Штетата дополнително ќе биде утврдена, но верувам дека мостот ќе биде отворен дури по неговата санација доколку таа е можна“, изјави директорот на ЦУК на денешната прес-конференција.

Ангелов информира дека до ЦУК стигнала пријава за опожарениот мост ноќеска околу полноќ, по што пожарникари од Противпожарната бригада на Град Скопје веднаш излегле на терен. Тие, сепак, не смееле веднаш да започнат со гасење на пламените јазици, зашто, како што рече првиот човек на ЦУК, не знаеле какви сè инсталации минуваат под мостот, бидејќи при гасењето нивните животи би можеле да бидат загрозени.

„Од страна на ЦУК беше стапено во контакт со сите надлежни институции и генерално заклучокот беше дека има една електрична инсталација која минува во структурата на самиот мост од којашто, меѓу другото, се напојуваат светилките кои се на самиот мост, додека, пак, централно под мостот се наоѓаат две големи цевки со дијаметар од околу еден метар низ кои минува топлата вода од топланата од која се греат скопјани во ладните месеци. Откако беше утврдено дека нема опасност по пожарникарите и откако електричната енергија беше исклучена од мостот, тие започнаа да дејствуваат, додаде директорот на Центарот за управување со кризи.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави