Search
Search
Фото/Градска редакција

Порано велосипедите беа поквалитетни, а Роки беше најјак- мајсторот Џахид Реџепи раскажува за Градска.мк

Велосипедот е превозно средство на две тркала, кое со години им служи на луѓето за извршување на секојдневните работи.

Во Македонија има традиција на употребување на ова превозно средство, а особено во последните години станува уште попопуларно.

Марките Ластра, Претис, Партизан – Суботица биле најдобри, но марката Роки била најјака, ова во разговор за Градска.мк го открива 73 годишниот поправач на велосипеди Џахид Реџепи кој уште е активен во неговиот сервис за поправка на велосипеди кој се наоѓа во Карадак маало покрај Иса Бегова Џамија.

Почнал како чирак и шеесет години работи само на ова професија. Тој за Градска редакција со носталгија раскажува за старите марки на велосипеди, според него биле појаки, постабилни, и поубави.

Фото/Градска редакција

„Велосипедот Роки беше најпопуларен во мое време, по тоа Љубљана и Југославија, Ластра, Претис, Партизан – Суботица, но марката на велосипед  Роки била најдобра. Јас ги имав сите велосипеди Роки, со мојот велосипед од дома одев право во дуќанот како сам да го знаеше патот, толку што беше стабилен. Исто така немавме многу велосипеди, понекогаш со другарите одевме до Сарај, двајца или тројца се качуваве, никаков проблем не ни правеше, тие велосипеди беа јаки„  рече мајсторот Реџепи.

Како биле старите времиња за Реџепи?

Сервисот се отвораше во четири часот наутро, за во  пет саатот да сме спремни за муштериите, односно работниците кои имале потреба од поправка да им ги поправаме и велосипедот брзо да им биде ставен во функција и пред шест часот тие да стигнат на нивните работни места во фабриките, вели за Градска редакција Реџепи.

„ Во тоа време кога бев како чирак  ние дуќанот го отворавме во пет часот, работниците кои имале дефект со велосипеди ги носеа кај нас на поправка бидејќи фабриката во шест часот ги затвара портите, затоа брзавме да ги средиме за да му го спремаме велосипедот на муштеријата. Тие со велосипед одеа од околните села независно дали врнело дожд, снег имало магла или не, искрено денес јас се чудам како стигнуваа!„

Фото/Градска редакција

Споредба на старите со новите велосипеди.

Според мајсторот Џахид  Реџепи порано велосипедите биле појаки, можеше да се работи во нив, имале квалитетни делови, сега не, тие што сега користат  велосипеди доаѓаат за поправка, но тешко е да се работи со нив, штом поправиш за кратко време откажуваат, па и се потешки за обработка.

„Порано имаше добри велосипеди не како сега, работиме ги обработуваме но ништо, лоша роба, не се работи со овие нови велосипеди.  Порано секоја година генерален сервис им правевме на велосипедите  и педалите ги отворавме за да ги наполниме со маст, сега не, само кога ќе му се расипе доаѓаат, вели тој

Последно време се врати желбата за возење велосипед.

Овие две три години има повеќе луѓе што возат велосипеди, ова според Реџепи се гледа и од побарувачката за поправка на велосипеди, сега тој сервисот го отвара од осум часот до осумнаесет и има толку многу работа што не може да ги постигне.

„Овие две три години има многу луѓе што возат велосипед, ова година не можевме да стигнеме да ги поправаме сите велосипеди кои ги носеаа. Не останавме многу мајстори на велосипеди, има некои низ градот како што е и Зоран од Маџари остана меѓу најдобрите„додава тој.

Колку се заинтересирани младите да ја работат ова професија?

Младите не се заинтересирани да ја работат ова работа, сакаат да направат пари брзо, порано те молеа да земеш чирак, според Реџепи сега никој родител не доаѓа да те прашува дали би го земал неговиот син за чирак.

„Јас почнав како чирак, порано десет родители доаѓаа да прашуваат дали ќе им го земеш детето за чирак, сега десет години никој не ти доаѓа да те прашува дали имаш потреба од чирак„

73 годишниот мајстор Џахид Реџепи постојано велосипедот го нарекува точак, и назнаката во неговиот сервис е „Точкар„ моментално работи со неговиот внук а порано вели дека на сервисот работеле со седум или осум работници. Според него последно време актуелни се и електричните скутери или тротинети, во сервисот се прават и поправките на истите, но тоа го прави неговиот внук, а тој работи само со велосипеди.

Фото/Интернет – Велосипед „Партизан-Суботица„
Фото/Интернет – Велосипед „Роки„
Фото/Интернет – Велосипед „Претис„

Н.Ш.

АКТУЕЛНО