Search
Search

Пропадна тендерот за „Чебрен“, банкарската гаранција не е активирана

Пропадна и најновиот, 14 по ред тендер за изградба на хидроелектраната Чебрен, откако грчката компанија „Архиродон“ не ја продолжи банкарската гаранција која беше со важност до 31 декември 2023 година.

Државата не ја активирала гаранцијата, бидејќи тоа било можно само доколку компанијата предвреме се повлекла од процесот, што фактички не го сторила, информира денес на брифинг со новинарите министерката за животна средина Каја Шукова.

– За жал мора да констатирам дека пропадна и 14 тендер за Чебрен, изјави таа пред новинарите.

Таа додаде дека целата кореспонденција со грчката компанија се водела писмено, при што пред Нова година им било укажано дека за да продолжи процесот, неопходно е да се продолжи банкарската гаранција.

Шукова претпоставува дека причината за откажувањето е поради променетите услови на пазарот за финансирање на проектот, поради што побарале и одредени промени од технички аспект, но тоа не било прифатено од наша страна.

Според Шукова, енергетичарите сега треба да седнат и да разговараат како да се продолжи понатаму за Чебрен, дали да се гради преку концесионерство или пак државата сама да го финансира.

Шукова смета дека државата со пропаѓањето на тендерот изгуби, бидејќи ќе овозможело пристап до европската мрежа, а ќе се обезбедеше и наводнување на плодните површини.

Од аспект на заштита на животната средина, на новинарско прашање, Шукова рече дека нема никаков проблем.

Инаку тендерот за Чебрен беше објавен во 2020 година, а целата инвестиција требаше да изнесува една милијарда евра.

 

АКТУЕЛНО