Родителите од Агино Село не ги пуштија децата на настава, бараат да се реконструира училиштето

За речиси половина век ниту една шајка не е закована, велат родителите на учениците од Подрачното основно училиште „Кирил и Методиј“ во кумановско Агино Село кои денеска во знак на протест не ги пуштија своите деца на училиште.

На 1-ви септември, во дворот на училиштето наместо детски џагор се слушаше револтот на локалните жители. Обвинија дека се заборавени од надлежните, а нивното училиште со децении е оставено на забот на времето, иако како што велат, проектот за реконструкција бил испратен до МОН, а одобрен од Општина Куманово. Но, се останало на хартија и досега немаат одговор.

Канал 5 направи обиколка на објектот, на кое нема ниту натпис дека воопшто станува збор за училиште. Дел од прозорците се искршени, а во дворот ќе ве пречека полски тоалет без струја и вода до кој децата и зиме мораат да одат пеш од училишната зграда. Покривот е во очајна состојба, од каде ќерамиди паѓаат во училниците и во дворот. Родителите велат дека сами купуваат креди, топки за физичко, корпи за отпадоци.

Родителите го обвинија и директорот дека не се грижи да се подобрат условите за настава. Тој пак, уверува дека од негова страна било се направено и дека очекува децата да се вратат во училишните клупи.

Министерот за обазование Шаќири пак вели дека е запознат со случајот, но дека не е доставена комплетна документација од страна на локалната самоуправа во МОН. Тој го повикува директорот на училиштето во министерството да донесе целосна документација за во најбрз можен рок да се обезбедат средства за реконструкција на училиштето.

Во подрачното училиште во Агино Село има 106 ученици. Денеска на училиште за прв пат требаше да тргнат и 7 првачиња.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави