Општина Кисела Вода издвои средства од својот Буџет заради отпочнување на процес за темелна реконструкција на салата „Расадник”, а како што информираат од општината едногласно, на вчерашната Седница на Советот на Општина Кисела Вода, била поддржана иницијативата на градоначалникот Ѓорѓиевски за создавање на финасиска конструкција која има за цел да овозможи реконструкција на ова место.
Инаку како што информира Општина Кисела Вода салата “Расадник” се’ уште е во надлежност на Јавното Претпијатие за стопанисување со спортски објекти и дека истото, во моментов, е под директни ингеренции на Владата, но сепак не може да се изврши примопредавање на салата „Расадник“ во скопска Кисела Вода помеѓу концесионерот „Империал Данела“ и државата, бидејќи никој од фимата која стопанисува со објектот не се појавува на закажаниот термин.
За 13 март годинава во 12 часот било закажано примопредавање на објектот, кое требало да се изврши во самата сала. На закажаниот термин дошле претставници на Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт на државата и на Општина Кисела Вода. Претставник од „Империал Данела“ не се појавил, иако, според документацијата што ја има на увид редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК, поканата била уредно примена.
На лице место било констатирано и направен бил записник дека салата е целосно уништена, демолирана и не е безбедна поради несовесното и недомаќинско користење и одржување од закупецот „Империал Данела“. Не било извршено примопредавање на објектот.
На сите страни има искршени стакла, па движењето низ салата е небезбедно и мора да е внимателно оти многу лесно некој може да згази парче стакло и да се исече. Соблекувалните и канцелариите се демолирани, паѓаат дури и парчиња од ѕидовите. Има вирови вода, кабли и расфрлани парчиња што некогаш биле канцелариски мебел.
СДСМ во изборната кампања за градоначалник на Скопје во 2021 година објави документи дека фирмата „Империал Данела“ е на градоначалничката Данела Арсовска. Тогаш од партијата кажаа дека Арсовска имала долгови за кирија кон државата од околу 130.000 евра, и за струја од над 50.000 евра. Арсовска беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и стана градоначалничка, но приказната за салата „Расадник“ остана неоткриена. Таа тогаш се закануваше дека ќе тужи, но досега нема никаков одговор.