Семејствата на жртвите во пожарот во тетовската модуларна болница бараат правда и одговорност

И по речиси две години од трагедијата во модуларната болница во Тетово, во која изгореа 14 луѓе, семејствата на жртвите се уште ја чекаат правдата.

Зошто и како се случи болницата да биде пеплосана за миг, има ли пропусти во изградбата, се кријат ли вистинските виновници, кој ќе одговора за 14 изгубени човечки животи, овие прашања и натаму ги мачат оние кои ги изгубија своите блиски на кобната вечер кога избувна пожарот во болницата. Мумин Исмаили е еден од нив. Тој ја изгубил својата мајка во пожарот.

„Не беше правда ова што се случи на рочиштето во Тетово. Се можам да кажам дека било, но правда не било, оти тие луѓе што треба да понесат одговорност не беа пред судот. Не велам дека и тие што беа не сносат одговорност, но тие што требаше да бидат осудени за пожарот, тие не беа. Ние како фамилија не очекувавме ваква правда значи ова ништо не е, но нема да застанеме овде ќе одиме понатаму и ќе бараме правда, затоа што јас бев таму видов луѓе кои викаат, бараат помош и досега никој да не понесе одговорност, тоа се случува само во оваа држава.“ – вели Мумин Исмаили.

Додека семејствата бараат одговори и одговорност, како што велат, за вистинските причини и виновници, адвокатите на лекарите кои седнаа на обвинителна клупа за почарот се сомневаат дека и по новите наоди за пропусти кои беа објавени во сторијата на ИРЛ, ќе има брза реакција на институциите.

Адвокатот Дарко Котевски, кој го застапуваше д-р Бобан Вучевски вели дека барањето на Јавниот обвинител за јавна седница на Апелацискиот суд на која уште еднаш пред јавноста ќе бидат изложени сите докази од првостепената постапка, нема да има никаков ефект врз истрагата и постапките.

„На јавноста во оваа истрага треба да и се дадат одговори кој ја градел болницата, како ја изградил, дали ја изградил согласно сите законски и подзаконски прописи па потоа да се донесе правилна јавнообвинителска одлука. Во случајов за мене ова не е правилна јавнообвинителска одлука, подигнато е обвинение против тројца жртвени јагниња. – вели Котевски.

Јавното обвинителство вчера преку соопштение ги отфрли наводите за непостапување и пропусти изнесени во сторијата како неосновани и невистинити, со тврдење дека се уште се работи на предметот.

„Апсолутно невистинити се наводите дека вештачењето од германските експерти воопшто не било изложено како доказ во судската постапка. Неосновани се информациите за наводна спротивставеност на вештачењата. Имено, и вештиот наод на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР и она на германските експерти прецизно ги наведуваат истите причини за настанување и за ширење на пожарот.“ – велат од Основното Јавно Обвинителство на РСМ.

Дополнително во соопштението се вели дека Јавното обвинителство на Македонија било едно од ретките кое повело постапка за кривична одоговорсност за последиците од пожар во ковид болница. Сепак, за семејствата на жртвите, правдата не е задоволена.

„Ние бараме да излезе вистината и да гледаат луѓето ако изгорела мојата мајка да не случи повторно да изгоре и некоја друга мајка и во оваа држава да се направи нешто паметно, а не се само за пари.“ – вели Исмаили.

Во пожарот во модуларната болница животот го изгубија 14 луѓе, а 12 беа спасени. На местото на несреќата денеска нема ништо. Остатоците од опожарениот модуларен обејкт се веќе тргнати, а на местото според информациите се планира да се постави спомен обележје со имињата на загинатите.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави