Search
Search

Септември 2023 година е прогласен за Месец на македонската култура во САД

Септември оваа година е прогласен за Месец на македонската култура во САД, пренесува Гласот на Америка. Во известување од гувернерката на Мичиген, Гречен Витмер, се наведува дека во пресрет на одбележувањето на Денот на независноста на Република Македонија, овој септември е прогласен за месец на македонско-американско наследство. Според Витмер, важно е да се истакне придонесот и културното влијание на македонските Американци.

„Септември има значење за македонските Американци, како што се наближува годишнината од Денот на независноста на Република Македонија, симболизирајќи го патот на државата кон суверенитет и нејзините трајни врски со македонско-американската заедница“, се наведува во известувањето.

Во прокламацијата од гувернерката Витмер пишува дека македонските имигранти почнале да доаѓаат во САД од пред повеќе од еден век, а денес има над половина милион Американци со македонско потекло во државата.

„Американците со македонско потекло придонесуваат за американската култура преку бизнис, спорт, уметност, политика, медицина, право, култура, кулинарски вештини и многубројни други области“, пишува во известувањето.

За министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, ова претставува потврда за искреното и посветено пријателство на САД.

„Голема гордост и признание е да се слуша за нашите Македонци во Америка кои се етаблирани и прифатени како заедница којашто е енергична и вградена во американскиот мозаик, заедница која учествува во сите сфери на животот, во културата, бизнисот, медицината, правото, технологијата, граѓанскиот сектор, владата, војската, образованието, новинарството, уметноста, кулинарството, спортот и во други области“, наведува Костадиновска-Стојчевска.

Во следните денови, како што наведува министерката, се очекува да се објават програмите и активностите со кои цел септември ќе се слави македонската култура и придонесот на Македонците во мозаикот на култури во САД.

Во јули годинава републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон претстави резолуција во Сенатот да се прогласи септември 2023 година за Месец на македонско-американско наследство во САД, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.

Резолуцијата спонзорирана од Брон, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство пред за неа да гласа целиот Сенат.

АКТУЕЛНО