Со „Госпоѓиците од Авињон“ стартува јубилејниот 20. „Танц фест Скопје“

Под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години Извонредност во современиот танц“, Танц-фест Скопје го прославува јубилејот – 20 години постоење. Јубилејното издание започнува со програмата „Паралели“, која се остварува во соработка со Националната опера и балет, а Фестивалот ќе се отвори на денеска, 11 април со претставата „Госпоѓиците од Авињон“ во кореографија на Олга Панго, на музика на Калиопи Букле. Веќе на 16 април ќе се изведе современата претстава „Сага“ во кореографија на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски и на 23 април, балетскиот триптих „Молитви на моето тело“, чиј креативен тим го сочинуваат костимографот Александар Ношпал и драматургот Соња Здравкова-Џепароска, а кореографиите се: „Раѓање“ на Ивана Коцевска, на музика на Дарија Андоновска, „Преплетување“ на Адријана Данчевска, на музика на Александар Гроздановски и „Вознес“ на Саша Ефтимова, на музика на Александар Пејовски.

Во својата програма, за ова јубилејно издание, фестивалот ќе презентира повеќе домашни и странски кореографи на повеќе сцени низ градот, кои ќе бидат дел од повеќеслојната програма, која дава осврт на современата танцова сцена.

Така, на 17 април во Младинскиот културен центар, ќе се претстават повеќе современи кореографи, претстава во која ќе видиме кореографии на Каи Чун Чуанг и Марија Шуркал, во продукција на „Вертикалити танцова компанија“ на Роуз Брус од Линц, Австрија, како и кореографиите „Гризење“ на Тереза Лазарев и „Језгро“ на Бисера Димчевска со Наталија Трифуновиќ.

Јубилејната прослава на фестивалот ќе се одржи на 30 април, на сцената на Македонскиот народен театар, со претстава на Скопје танцовиот театар и кореографии на Рисима Рисимкин и Адријана Данчевска. Истата вечер ќе се додели и наградата Менада.

На 11 мај на сцената на Македонскиот театар, пак, ќе се прикажат две кореографии, „Блокови“ на Дејан Битровски и „Табу република“ на Бобан Русески.

Танц фест Скопје 2024 од 13 до 17 мај, ја вклучува програмата Moving Balkans, во која ќе учествуваат уметници од 11 земји: Словенија, Хрватска, Бугарија, Романија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Турција и Македонија, со кореографи и професори од Холандија и Италија.

На 13 мај во Младинскиот културен центар ќе имаме можност да ја видиме претставата „Импулс“ на Скопје танцов театар 2, во која ќе настапат студентите при Катедрата за современ танц и Балетска педагогија при Универзитетот „Гоце Делчев“.

„Овогодишното издание ќе заврши со претставата ‘Мозаик’ на светската кореографска ѕвезда и официјален кореограф на претстојните Олимписки игри во Париз, Мурад Мерзуки, кој нашата публика го памти по претставата „Пиксел“. Фестивалот, гостувањето на Мурад Мерзуки го остварува преку соработка со Францускиот институт во Скопје, кој со претставата ќе ја започне програмата за прослава и одбележување 50 години постоење во Скопје, со што ќе се одбележи и соработката која Францускиот институт ја има со Интерарт-културниот центар во изминативе триесет години. Во рамки на фестивалот е и Отворената програм ‘Танцуваме со Виталија’, како и изложбата на фотографии под наслов ‘Рефлексии’, во која ќе бидат застапени холандски и домашни фотографи, а која ќе се одржи во Мала станица, во соработка со Националната галерија”, посочуваат организаторите на Танц фест Скопје. 

Бордот на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024’, за јубилејното 20. издание, донесе одлука наградата „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност да ја додели постхумно на балетскиот уметник и доајен на македонскиот балет Марин Црвенов.

Марин Црвенов остави неизбришлив печат во развојот на македонскиот балет, но границите на неговото делување се пошироки, па така тој е познат како уметник и во регионот и Европа. Со извонредните линии како балетски уметник тој на сцената донесува безбројни ликови и настапува во целиот репертоар на Националниот балет во периодот од 1961 до 1990, кога е член на Балетот при МНТ во Скопје, во почетокот како солист, а потоа и како долгогодишен првенец. Црвенов се истакнува со одлична техника, лиричност во играта, но знае да долови и драматичност, кога тоа ликот кој го толкува, го бара од него. Тој е одличен партнер и со своето огромно сценско искуство, придонесува за креирање на незаборавни дуети со повеќе генерации балерини, првенки на македонскиот балет. Со неговата долгогодишна работа Црвенов дава огромен придонес во развојот, не само на балетската уметност, туку и во целокупниот театарски живот во Македонија, неговиот талент е распространет во изведувачката област, но тој се истакнува и како балетски педагог и репетитор.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави