Search
Search

Вработените во Комунална преку предупредувачки протест ги бараат своите права, Мазнева им повикала полиција

Работниците на Комунална хигиена во Скопје протестира во знак на револт кон раководството бидејќи, како што велат, отпуштиле десетици работници, но и поради тоа што не им се исполнуваат барањата за зголемување на платите, К-15 и бенефициран стаж. Како што рекоа, додека колегите не се вратат на работа и не се исполнат нивните барања, нема да излезат да го собираат отпадот. Според нив, наместо да ги покани на состанок, директорката повикала полиција.

Инаку, минатата недела вработените во Комунална хигиена организираа протест пред канцеларијата на ЈП Комунална хигиена – Скопје бидејќи, како што велат, директорката Косана Мазнева, не ја прифатила поканата за состанок на кој ќе се разговара за барањата на работниците.

„3-4 пати преку нејзиниот возач сме ја повикале директорката на состанок, но таа одби. Воопшто не сака да разговара со нас, нè игнорира“, велат група вработени во разговор со новинарот на Порталб.мк кои сакаат да останат анонимни поради, како што велат, притисоците со кои се соочуваат на работа.

На 29 јуни (четврток) околу 22 часот, кога требаше да почне со работа ноќната смена, вработените протестирале и побарале да дојде директорката Мазнева. Според вработените, околу 23:30 часот директорката дошла во институцијата.

„Дојде и ни се закани. Ни кажа дека ќе не избрка од работа“, велат вработените.

Тие додаваат дека по нејзиното заминување дошла полицијата.

„Дојде полицијата, па дури и ЕБР [Единицата за брзи интервенции], како ние да сме криминалци и тогаш ситуацијата се смири, но вработените не излегоа да работат на терен и останаа тука до утрото. Потоа, на 5 јули, тројца вработени биле повикани на информативен разговор и биле прашани зошто протестираат“, велат вработените и додаваат дека останале на работа до утрото на 30 јуни, кога дошол првиот човек на Синдикатот на СУТКОЗ, Столе Кашиковски, но, според сведочењата на вработените, директорката Мазнева не прифатила средба ниту со него.

Првиот човек на Синдикатот на СУТКОЗ, чиј дел е и синдикатот на Комунална хигиена, Столе Кашиковски, потврди дека имало протест и дека вчера ги посетил вработените, но и покрај барањето, директорката Мазнева не го примила на состанок.

„Извршниот одбор на Синдикатот на Комунална Хигиена вчера имаше состанок и одлучено е во понеделник да ги достават официјално барањата, на писмено. Утрото кога вработените протестираа отидов да ги посетам, но и покрај барањето до денес директорката не ми закажала состанок“, изјави Кашиковски за Порталб.мк.

Тој додаде дека СУТКОЗ ќе биде во координација со Синдикатот на Комунална хигиена во врска со барањата на вработените и поплаките за притисоци во работното место.

Порталб.мк ја контактираше директорката Мазнева, но таа рече дека е зафатена со некои средби и порача да се испратат прашања. Но, одговор од скопската Комунална хигиена не е добиен, а Мазнева не крева слушалка.

Косана Мазнева беше назначена за директорка од страна на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на 12 јули 2022 година  по разрешувањето на тогашниот единствен директор Албанец на јавните претпријатија на Град Скопје, Зуди Кока, поради инцидентот за време на антиевропските протести во Скопје, кога неговиот брат пукаше со огнено оружје во плоштадот „Скендербег“ во Скопје.

Извор: МЕТА

АКТУЕЛНО