Search
Search

Партијата на Вучиќ води на парламентарните избори, опозицијата најави протести

Српскиот претседател Александар Вучиќ уште синоќа рече дека листата „Србија не смее да запре“ несомнено освоила најголем број гласови, иако опозицијата обвинувала за изборни нерегуларности

Според последните податоци на Републичката изборна комисија на Србија, врз основа на обработени 7 808 избирачки места од вкупно 8 273, листата „Србија не смее да запре“ на парламентарните избори досега освоила 46,92 отсто од гласовите. На покраинските избори, на 1 647 од 1 776 обработени избирачки места, листата на СНС освоила 48,26 отсто од гласовите.

На второ место се најде листата „Србија против насилството“, која на парламентарните избори освои 23,28 отсто од гласовите, додека на покраинските избори освои 20,76 отсто.

Изборната листа „Ивица Дачиќ – премиер на Србија“ е трета по бројот на гласови на парламентарните избори, со 6,61 отсто од гласовите. На покраинските избори оваа листа освои 5,15 отсто.

На покраинските избори Сојузот на Унгарците од Војводина освои 6,72 отсо.

На покраинските избори помина и коалицијата НАДА со 4,96 отсто од гласовите.

Коалицијата НАДА има 5,01 отсто од гласовите на парламентарните избори, додека МИ – глас од народната листа на Бранимир Несторовиќ освои 4,67 отсто.

Според последните податоци, коалицијата на Двери и Заветник „Народен собир“ не го надминува прагот ниту за парламентарниот ниту за покраинскиот парламент со освоени 2,8 и 2,29 отсто од гласовите.

Српскиот претседател Александар Вучиќ уште синоќа рече дека листата „Србија не смее да запре“ несомнено освоила најголем број гласови, иако опозицијата обвинува за изборни нерегуларности и најави протести.

Претходно, и премиерката на Србија и повереникот на одборот на белградското крило на СНС, Ана Брнабиќ, во обраќањето од штабот на партијата кажа дека нивната партија е убедлив победник и дека победата е поголема од очекувањата.

Опозициската коалиција „Србија против насилство“ објави дека Српската напредна партија (СНС) – матичната партија на Александар Вучиќ – на изборите во Белград освоила 21 000 гласа повеќе од нивната листа. Опозиционерите обвинија дека во Белград организирано биле донесени над 40 000 луѓе без легален престој за да ја поддржат листата на СНС што, како што велат, драстично ја променило изборната волја на белграѓани.

 

АКТУЕЛНО