Search
Search

ЈСП бара возачи – од Синдикатот велат дека недостигаат стотина

ЈСП „Скопје“ денеска објави оглас за вработување на возачи. 

Огласот може да се види на интернет страната на ЈСП, каде се објавени и условите според кои ќе се примаат новите возачи. Во огласот не е прецизирана бројката колку точно возачи се бараат.

Според огласот, се бара кандидатите да имаат минимум завршено средно образование (IV степен), возачка дозвола Д категорија, работно искуство од минимум 2 години, флексибилност за работа во смени и професионално однесување. Кандидатите треба да достават и доказ дека со правосилна судска пресуда да не им е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност.

Сите заинтересирани кандидати треба да ја испратат потребната документација најдоцна до 02.10.2023 година.

Миќо Стојановски, претседател на Синдикатот на ЈСП при Сојузот на синдикатите на Македонија, во изјава за Вечер вели дека не знае колку возачи се бараат со огласот, но оти е сигурно дека на ЈСП му недостигаат над 100 возачи.

– Причина што се одлеваат возачи од ЈСП се нискиот личен доход и добрите понуди од регионот и од западноевропските држави. Одлевањето започна пред пандемијата, кога заминаа дел во Малта и во Германија. Тие први ги отворија вратите. Во Хрватска и во Словенија, возачите се со двојно повисоки плати откај нас – нагласи Стојановски.

Од ЈСП  не одговорија колку возачи бараат со огласот, со колку возачи располагаат во моментов и колку им недостигаат.

Условите во огласот предвидуваат работно време од 40 часа неделно, организирано во три, односно во четири смени (двосменски и двократно) и тој распоред директно зависи од возниот ред на соодветната линија, додека паузата е во зависност од возниот ред на секоја линија. Тие имаат право на бенефициран стаж.

 

АКТУЕЛНО