Search
Search

Скопјани губат надеж дека ќе имаат подобар превоз: И 2024 започна без нови еколошки автобуси и без БРТ

Започна  уште една година во која скопјани немаат многу надеж дека ќе добијат поорганизиран и подобар јавен градски превоз, дека нема да чекаат по половина час и повеќе на станиците очекувајќи го потребното возило, дека автобусите ќе бидат чисти, во добра „кондиција“, наместо како што се сега повеќето стари и расклатени. Очекуваат дека повеќе нема да мрзнат додека се возат во автобусите, но и дека контролорите и возачите ќе бидат пољубезни кон патниците.

Она во што веќе никој не верува, не очекува и не се надева е дека некогаш ќе биде воведен бесплатен автобуски превоз и дека низ градот ќе се возат со нови еколошки автобуси. Моменталната состојба со градскиот превоз, но и моменталното расположение во Советот на Град Скопје, кој всушност треба да ги донесе и усвои предлозите за унапредување на јавниот превоз, укажуваат дека во блиска иднина во штотуку започнатата 2024 година нема да има големи промени со превозот.

Крајот на годината што измина покажа дека мнозинството советници во Советот не се расположени да донесат било каква одлука која се однесува на ЈСП „Скопје“. Дали тоа се прави од инает кон градоначалничката Данела Арсовска или вистинската причина е тоа што сметаат дека станува збор за лоши проекти, не е до крај јасно. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се против воведување брз автобуски превоз, не ги гласаа субвенциите за јавното сообраќајно претпријатие за годинава, но се противат и на кредитно задолжување на Градот за набавка на нови еколошки автобуси, а притоа не даваат предлози како да се направи пофункционален градскиот превоз. За последново имаат поддршка и од СДСМ, чии советници се противат на купувањето автобуси на кредит затоа што сметаат дека единствено решение за воспоставување нов модерен јавен превоз е воведување БРТ, за што веќе две години на сметка стојат огромни пари обезбедени од Европската банка за обнова и развој за таа намена.

Со гласање, кое не било спроведено на една од претходните седници, за кредитно задолжување за еко автобуси започна и последната одржана седница минатата година, кога по којзнае кој пат не беше изгласана одлуката. Овој предлог подоцна беше повторно на дневен ред на седницата и повторно не беше изгласан. На последните гласања веќе не се отвора ниту дискусија за овој проблем, затоа што веројатно сите веќе го кажале својот став околу ова прашање.

Но, откако одлуката повторно не помина, реагираше Александар Трајановски советник од ГРОМ и актуелен заменик градоначалник на Арсовска, осудувајќи ја постапката на ВМРО-ДПМНЕ.

Ова е навистина трагично некој да си зема право и да одлучува против волјата на граѓаните, кои со својот глас ја подржале програмата за набавка на 250 автобуси. Ова мнозинство во Советот манипулира со волјата на граѓаните и со нивните потреби. Ова е срамота затоа што и вие сте ја добиле довербата на граѓаните за нови еколошки автобуси. Треба да си ја понесете одговорноста, ако не сакате да ја спроведувате програмата за која што сте избрани дајте си оставки, повлечете се – рече Трајановски.

Во меѓувреме граѓаните секојдневно се соочуваат со сите недостатоци кои со себе ги носи јавниот градски превоз во Скопје, а кој се принудени да го користат особено оние што немаат друга алтернатива. Секојдневните бескрајни чекања на автобуските станици, метежот и турканиците во автобусите, нечистотијата што владее во некои од нив, нивната дотраеност, сето тоа ги измачува патниците, но нивните реакции никој не ги слуша.

Ниту возен ред се почитува, ниту работат електронските табли за да се види кога доаѓа автобус, ниту има греење во автобусите, ништо. Да не зборувам колку се нечисти, како во нив да не се превезуваат луѓе. Срамота. Секојдневно по 40 минути чекам автобус за да си одам дома. Ова е нечуено, услугата која ние граѓаните редовно си ја плаќаме, ја добиваме под секое пристојно ниво. Ова не е јавен превоз што му доликува на главен град. И што е најстрашно, нема човек ни кому ни каде да се пожали – вели Наташа од Козле.

Надлежните и од Град Скопје и од ЈСП постојано го тврдат спротивното од она на што се жалат граѓаните. Според нив автобусите доцнат малку и тоа само доколку има некаков сообраќаен застој, дисплеите работат, возачи и возила има доволно, па според нив јавниот превоз функционира непречено.

Веројатно е неопходно, градоначалничката и раководството на ЈСП одвреме навреме да се превезуваат со автобус. Можеби дури тогаш ќе ги разберат проблемите на граѓаните. /СП/

АКТУЕЛНО