Арсовска не се појави на вонредната седница на Советот на Град Скопје

На вонредната седница не се појавија ниту градоначалничката Данела Арсовска ниту пак директорката на КХС Косана Мазнева-Николиќ, а претседателот на Советот Трајко Славески изјави дека од Арсовска не добил никакво известување дека таа нема да биде присутна на оваа седница. Тој кажа дека седницата ја закажал уште во понеделникот, а од градоначалничката, наредниот ден добил допис во кој му било соопштено дека ѓубрето се собира, но не добил одговор дали таа ќе го присуствува или не на денешната вонредна седница.

Координаторката на советничката група на СДСМ Љубица Јанчева која беше иницијатор за свикување на оваа вонредна седница рече дека Арсовска има игнорантен и неодговорен однос кон градот, но и кон советниците и побара таа да си поднесе оставка поради неспособноста да го менаџира градот

„Во време на Арсовска се блокираше градот Скопје, немаше превоз, а сега беше затрупан во ѓубре. Што ли е следно, да остане без вода? Скопје на температури од 40 степени беше затрупан во ѓубре а неа ја нема, нејзиното столче како и многу пати досега стои празно“, рече Јанчева.

Јанчева воедно ја осуди и постапката на директорот на јавното претпријатие „Дрисла“ бидејќи не дозволил отпадот кој градоначалниците на Кисела Вода и Аеродром да биде одложен во депонијата.

Со слични обивнувања на говорницата излезе и координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска која кажа дека присуството на градоначалничката и на директорката на ваква седница е задолжителна бидејќи граѓаните очекуваат одговори, а не дневна политика и популизам.

„Денеска е ова, утре ќе биде нешто друго, задутре ќе биде уште пострашно, затоа треба да сме денеска тука, да дебатираме за истите, да најдеме решение бидејќе нема никакво оправдување кога утре ден ќе ни се случи поголема катастрофа од ова што ни се случи пред некој ден“, рече Андоновска

Андоновска кажа и дека Советот е место каде што треба аргументирано да се дебатира и да се носат решенија за доброто на скопјани, па затоа замоли да се обезбеди присуство од сите засегнати страни кога се дебатира за вакви клучни работи.

Инаку, ова не е прв случај на отсуство на градоначалничката Арсовска кога се во прашање седниците на Советот на Град Скопје. Во минатото таа ги избегнуваше и седниците кои беа наменети за советнички прашања.

Извор: 360 степени

 

АКТУЕЛНО