Search
Search

Арсовска се пофали за Гологанов, граѓаните молат да не и текне Партизанска да ја прави, ќе и требале пет години

Шест месеци траеше реконструкцијата на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов и конечно пред две недели  е повторно воспоставен нормален сообраќај, но коментарите на граѓаните, но и стручната јавност не запираат.

Лошо изведени велосипедски патеки, криви дрвореди, тесна улица жардинери на тротоари, паркирани возила, врдеше ли шестмесечната блокада на сообраќајот на улицата за квалитетот на крајниот производ?

Сепак ова не ја спречува градоначалничката да се пофали со градежните работи на улицата. Таа снимила и видео.

 

Булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов завршен по највисоки стандарди?

 

Булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов е една од клучните сообраќајни артерии во центарот на Скопје. Градежните работи за реконструкција се изведоа по највисоки стандарди, се вели во објавата на Арсовска.

На должината на трасата од 510 метри, се реконструираше површина на коловозот од 6300 метри квадратни и на тротоарите од 3350 метри квадратни. На локацијата се поставени нови рабници во должина од 1300 метри, нови 16 канделабри кои користат лед осветлување со контролери за заштедата на електрична енергија, а засадени се и 30 нови дрвја.Булеварот кој се наоѓа во центарот на главниот град, немаше канализациона мрежа која во рамки на проектот се изгради, а дополнително се реконструираше и водоводната мрежа согласно потребите на постоечкиот степен на урбанизација, тврди Арсовска.

Велосипедските патеки најпроблематични

Како што беше најавено, изведени се две нови велосипедски патеки. Едната поминува среде пешачката патека на потегот од Клуб на пратеници кон крстосницата со булевар Св. Климент Охридски, на која се оставени старите плочки, а другата се наоѓа на коловозот, покрај асфалтираниот тротоар и е одделена од лентата за возила со заштитни столпчиња, а ненадејно завршува после бензиската кај АМСМ.

Велосипедските патеки се и нејасно поврзани со тие на бул. “Климент Охридски”

За да се испразнат големите контејнери,  специјалните возила што им приоѓаат од коловозната лента,  ќе мора да се паркираат на велосипедска лента.

Не е јасно дали воопшто некој размислил за овој проблем кога се подготвувал проектот за реконструкција, но повторно ништо не е решено со габаритните садови за отпад.

Големите контејнери беа набавени во мандатот на Петре Шилегов и заради нивниот специфичен начин на празнење мораа да бидат поставени на самиот крај на тротоарот, покрај улицата, па така тие и ден денес покрај целиот булевар Партизански одреди се поставени на велосипедските патеки.

Своевремено, тогашното градското раководство тврдеше дека тоа е само привремено решение, а околу контејнерите со жолти ленти беше исцртана велосипедска патека, таа пак врз просторот наменет за пешаци. На Гологанов, пак, контејнерите не се на велосипедската патека, но затоа возилата за собирање ѓубре ќе застануваат на неа.

Велосипедистите, пак, посочуваат уште еден проблем со новата велосипедска патека, а тоа е дека заштитните столпчиња се поставени на преголемо растојание што овозможува на неа да се паркираат автомобили, можност што веќе ја користат несовесните возачи. И на само на велосипедската патека, туку и понатаму има паркирани возила на тротоарот, кои исто така се протнуваат низ широко поставените столпчиња.

Граѓаните на социјалните мрежи на шега коментираат да не и текне на градоначалничката да ја реконструира улицата “Партизански одреди” оти ќе и требале 5 години да ја заврши.

 Криви дрвореди

Градежните работи на потегот од кружниот тек кај Католичка црква до крстосницата со булеварот Климент Охридски почнаа во септември лани и тогаш градоначалничката Данела Арсовска кажа дека ќе се завршат за 5 месеци.

Долж патеките се насадени и нови дрвја. Дел од новиот дрворед беше крив, односно нерамномерно беа распоредени квадратите кои се изведени во асфалтот за во нив да се насадат дрвја.

По реакцијата на граѓаните имаше обид за нивелирање на дрворедот, но сепак сеуште изгледа криво.

Според проектот, реконструкцијата опфаќа градежни работи на коловозот од 5.350 метри квадратни, изведба на велосипедска патека и тротоари од 4.500 метри квадратни, нови рабници, нова фекална канализација Ф600, изведба на нова водоводна мрежа и ново улично осветлување.

Реконструкцијата чини околу 700.000 евра, а градежните работи ги изведуваше фирмата „Бауер“.

 

Соња Танеска

 

 

 

 

АКТУЕЛНО