Фото/Градска редакција

Три години се гради булеварот „Борис Трајковски“, граѓаните револтирани се жалат, предолго се работи

Скоро три години се работи за изградба на булеварот „Борис Трајковски„ во населба Пинтија која води до мостот на Маркова Река  во Драчево во должина од 2,325 метри. Граѓаните се револтирани бидејќи премногу долго трпат до целосната изградба на овој пат, каснат за да стигнат до нивните работни места, ги уништуваат колите а трошат и нерви, особено сабајле и попладне кога работниците одат или се враќаат од нивните работни места. Градска редакција го посети ова патна делница и забележа тешка машинерија која работи, но на граѓаните веќе им се губи трпението. Еден граѓанин за Градска редакција вели:

Фото/Градска редакција

„Секој ден го поминувам овој пат, немам веќе нерви, амортизацијата на колата е отидена, дупки и нерамен пат, предолго се гради овој дел не знам што е проблемот. За да идам на работа принуден сум да заобиколам од кај Населбата Драчево па да излезам во Ново Лисиче, и по тоа да искочам кон центар и да стигнам до работно место„, вели за Градска редакција револтиран граѓанин.

Почетокот на изградбата на овој дел од булеварот „Борис Трајковски“ е на 22 јуни 2021 година тогашниот градоначалник Петре Шилегов најавуваше дека градежните работи треба да завршуваат за две години.

Изградбата на овој булевар е во делот од крстосницата кај населбата Пинтија до мостот на Маркова река пред населбата Драчево во должина од 2.325 метри, при што проектот предвидува сообраќајницата да има во иднина четири коловозни ленти, пешачки патеки од двете страни на булеварот и една велосипедска патека.

„Овој булевар е една од артериите во нашиот град, кон него гравитираат педесетина илјади жители и поради тоа сметам дека со изработката на оваа делница и тоа како ќе го олесниме и осовремениме животот во овој дел од градот. Дополнително, на булеварот Борис Трајковски на делот што сега го работиме, ќе биде поставена нова атмосферска и фекална канализација. Изградбата планираме да трае неполни две години, бидејќи овде имаме и експропријација и отстранување на оградите “, изјави претходниот градоначалник Петре Шилегов на почетокот на изградбата на булеварот на 22 јуни 2021 година.

Минатата година градоначалничката Данела Арсовска при посетата на терен рече дека Градот Скопје ги решавал наследените проблеми, при што за помалку од една година успеале да решат бројни имотно-правно проблеми со кои бил блокиран проектот. Таа тогаш тврдеше дека проектот за изградба на булеварот Борис Трајковски бил блокиран, бидејќи бил започнат без претходно завршување на неопходните постапки, поради што била предизвикана времена стагнација на реализацијата.

„Затоа реформите кои сега ги имплементираме во градот, се за секој нов проект сите постапки да бидат однапред завршени како реализацијата би се одвивала без застој, ефикасно и во најкратки можни рокови за изведба “, истакна градоначалничката Данела Арсовска на 8 октомври 2022 година.

Неколку месеци подоцна, градоначалничката Арсовска на 27 март 2023 година повторно изврши увид во работата за изградба на булеварот Борис Трајковски.

„Работиме активно на решавање на сите предизвици кои произлегуваат од непланскиот почеток на работата на овој булевар. До сега оваа администрација на градот Скопје реши предмети за експропријација во вкупна површина од 37.047 м2, а во тек е експропријацијата на останатите 10.988м2.“, информираше градоначалничката Арсовска на 27 март 2023 година.

Дел од информациите преземани од мета.мк

Н.Ш

 

АКТУЕЛНО