Search
Search

Микромобилност: Тенка е линијата меѓу слободата и хаосот

Градот се движи побрзо од кога било. Не затоа што сообраќајот е подобар, туку затоа што луѓето се во постојана потрага по начини да го заобиколат, да се снајдат. Mеѓу автомобилите заглавени во колони и автобусите што доцнат или ги нема, се појави нова слика на урбаното движење: тротинети, велосипеди, електрични возила со две тркала – брзи, тивки и на прв поглед, совршено решение.

Затоа, според мене, микромобилноста не е (само) тренд. Таа е одговор. Одговор на метежот, на загадувањето, на недоволно добро организираниот јавен превоз. Нуди нешто што градот одамна го изгубил – чувство на контрола врз своето време. Да стигнеш побрзо, поедноставно, без да зависиш од систем што често не функционира. И одговор на сѐ повисоките цени на горивата, паркингот и трошоците за одржување и регистрација, и на властите жедни за казнување.

Но таму каде што се појавува нова слобода, често се појавува и нов хаос.

Во Скопје, како и во безброј други градови, микромобилноста расте побрзо отколку што градскиот менаџмент е способен да ги утврди правилата за нејзино уредување. Тротинетите се движат по тротоари, велосипедите се мешаат со пешаци, а границите меѓу зоните на движење стануваат нејасни. Она што требаше да биде решение, почнува да создава нови конфликти.

Проблемот не е во самите возила. Проблемот е во просторот. Градот не е дизајниран за ваква разновидност на движење. Тротоарите се тесни или окупирани од возила, киосци, несоодветно поставена урбана опрема… Велосипедските патеки се неповрзани, а коловозите се небезбедни за помалите и побавни учесници. Во таков систем, секој бара место за себе – и често го наоѓа на сметка на другиот.

Така, пешакот станува пречка, велосипедистот, а уште повеќе оние на тротинет стануваат ризик, а возачот – нервозен. Секој има причина. И секој чувствува дека е во право.

Но градот не може да функционира на индивидуални правила. Во градовите каде микромобилноста функционира, таа не е оставена сама на себе. Таа е интегрирана. Постојат јасни патеки, јасни правила и јасни очекувања. Просторот е распределен така што секој знае каде припаѓа – и каде не.

Ако во Берлин или Амстердам им се најдете на патот на велосипедистите што строго се држат во своите означени патеки, бидете сигурни, нема да бидат ни малку нежни и пристојни. Истото се однесува и на оние што се на две тркала, а ќе решат да фатат некоја „кратенка“ низ пешачка зона. Едноставно, од нив се очекува да се симнат од велосипедот или тротинетот и да го туркаат меѓу пешаците.

Тоа не значи ограничување на слободата. Напротив. Тоа значи создавање услови во кои слободата не создава хаос и не е резервирана за едни, на сметка на други.

А Скопје? Скопје е постојано во некоја преодна фаза. Или, да бидеме попрецизни, никогаша не е во чекор со времето и постојано каска зад потребите на своите жители, па тие се снаоѓаат како знаат и умеат. Скопје никако не успева да „научи“ дека не е само за автомобили – особено не во ваков обем и не вака. Уште помалку научи да биде град за сите. Микромобилноста го откри тој јаз – и го направи видлив секој ден, на секој тротоар и секоја раскрсница. Кои, патем, се преполни со дупки, вдлабнати шахти кои некогаш се и откриени — што може да предизвикаат сериозни последици секој момент.

Електричните тротинети не се појавија одеднаш. Тие тивко влегоа во градот за време на пандемијата, кога луѓето бараа побрзи и поиндивидуални начини на движење, без контакт со другите. Вистинската експанзија дојде подоцна – во 2023 година, кога се појави и приватната компанија „БинБин“ со околу 500 тротинети за изнајмување. Но градот – и тогаш и денес – сè уште нема одговор како да ги вклучи во системот.

Затоа, дел од јавноста се прашува дали воопшто се потребни електричните тротинети. Но ако веќе го поставуваме тоа прашање, во ера на растечки услуги за достава, тогаш логично е тоа да важи и за мопедите, електричните велосипеди, па и за обичните велосипеди. Прашањето, всушност, не е дали ни се потребни. Тие веќе се тука. Прашањето е дали градските власти се подготвени да го редизајнираат градот – и конечно да фатат чекор со времето. Жителите на градот не се обврзани да бидат експерти и менаџери, туку корисници на тој систем. Излегува дека најмалку експерти и менаџери има токму во градските служби. Мора прво за партискиот кадар „да се најде место“, нели?

Без јасни и паметни правила – не насочени кон фаќање на луѓето во заседа и нивно казнување – и без инфраструктура и култура на споделен простор, микромобилноста нема да го реши хаосот. Само ќе го зголеми. А за хаосот не се виновни луѓето. Тие сакаат да стасаат од точка А до точка Б брзо, безбедно и евтино, како и во секој друг град на светот.

Џабир Дерала

 

 


📩 Вашиот глас за градот

Имате ли искуства, размислувања, критики или предлози за решенија?

Дали се соочувате со истиот проблем во вашиот дел од градот – или имате поинаква перспектива?

📸 Испратете ни и фото или видео што ја илустрира ситуацијата.
📬 Пишете ни во порака на Фејсбук или на: [email protected]

Вашите приказни и идеи се важен дел од оваа платформа.


Сите права се задржани.

АКТУЕЛНО