Кружни текови на Јужен булевар: Коце ги вети и не ги изгради, ги почна Петре, а Данела не ги ни допре

Град Скопје требаше да изгради три приклучоци за подземната улица, односно кружен тек кај „Нова Македонија“, на крстосницата на Железничка со Бихаќка и кај подвозникот кај крстосницата на булеварите Свети Кирил и Методиј и Кочо Рацин, а градоначалничката Арсовска рече дека ќе бидат приоритетен проект во нејзиниот мандат.

Дел од зградите на Лимак веќе се вселиви, а и новиот трговски центар „Дајмонд“ се отвори и се зголеми сообраќајниот хаос во градот. Но Арсовска не одговара на новинарски прашања.

Таа пред две години рече дека ќе биде потребно време за реализација на кружните текови, бидејќи „од минатото раководство наследила нерешени експропријации на трасата“. Сепак, во нејзиниот мандат од две години досега не ги информираше скопјани дали нашла решение.

Од турската компанија „Лимак“ уште минатата година потврдија дека е изградена подземната инфраструктура, но таа нема да биде во функција, односно нема да може да се вози по неа, додека не се изградат влезовите и излезите, а тоа, според договорот потпишан уште во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски, е обврска на Градот.

Од „Лимак“ предупредија дека оваа година ќе бидат вселиви двете згради, трговскиот центар и пешачката улица со кафулиња. Тоа ќе предизвика поголем број жители, посетители и возила во овој дел на градот, а улицата која треба да го намали метежот – нема да биде во функција.

Договорот за Јужен булевар под земја со турскиот инвеститор „Лимак“ на 12 март 2012 го потпиша тогашниот градоначалник Коце Трајановски и на прес-конференцијата беше најавено дека ќе се почне со градба за една година, само прво инвеститорот да ја изгради улицата, а потоа објектите над неа. Но, повеќе од 6 години на терен ништо не се работеше, ниту пак од Град Скопје кажуваа зошто проектот не се реализира.

Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов во 2017, од „Лимак“ рекоа дека ги надминале проблемите со добивањето на потребните дозволи и во септември 2018 почнаа градежните работи, но тие прекинаа со доаѓањето на градоначалничката Арсовска.

Според планот, сообраќајницата треба да биде долга 800 метри, 6 метри под земја и со 6 коловозни ленти. 

Соња Танеска

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави