Нели Ви беше незгодно да седите до Бранислав Лечиќ и да му дадете награда?

Осмото издание на „Киненова“ – Меѓународниот фестивал, требаше да биде место каде ќе бидат прикажани одлични филмови, прекрасни автори, но за жал раководството на фестивалот одлучи централното место или наградата за животно дело да му ја посвети на контроверзниот српски актер Бранислав Лечиќ.

Некаде на почетокот на месецот добив покана за прес за фестивалот во „Europe House“ и одлучив да го проследам, токму поради новиот портал Градска.мк, да стекнам познанства и во овој свет, културниот, за кој бев убедена дека долго време го запоставуваме.

Но на тој прес вушност разбрав дека на луѓето од културата им одговара тоа запоставување, бидејќи на тој начин на македонската сцена „протнуваат“ се што сакаат и некако не се навикнати некој да им постави критично прашање бидејќи тоа е атак на нивната суетна стручност и совршенство на егото, надвор од границите на перцепцијата на суровата реалност.

Течеше пресот и директорот на „Киненова“, Небојша Јовановиќ, соопшти дека има две важни ексклузивни информации за новинарите, на втората искрено не се сеќавам бидејќи по соопштувањето на првата, дека главната награда е резервирана за Лечиќ буквално ми се споија притисоциите. Особено ме вознемири леснотијата и радоста на соопштувањето на името на актерот кој беше обвинет за силување на колешки во Србија, а обвиненението беше повлечено под неразјаснети околности.

Уште поголем беше шокот кога Гена Теодосиевска, уметничката директорка на фестивалот, додаде дека не може да ги игнорираме успесите на Бранислав Лечиќ поради како што рече „еден негов пех“.

Во тој миг беше разочарувачки што една жена, обвинението за силување на Лечиќ кон жена или жени, а тие се дел од фелата, актерки го нарече пех!

Секако дека поставив прашања, можеби не ги очекуваа, а веројатно се потресоа бидејќи не ме познаваат, бидејќи јас не следам култура, следам политика, следам економија и секако нема да дојдам на прес за да премолчам едно вакво безобразие и поигрување со чувствата на жените.

Искрено по малку и беше грозно нивното објаснување дека Лечиќ не бил осуден, и дека еднаш веќе бил одбиен за оваа награда поради судскиот процес, па сега било незгодно да го одбијат пак.

Беше малку незгодно и правдањето на Јовановиќ дека и за актерките кои го обвиниле Лечиќ ако дојделе во Македонија  “Киненова” ќе им даде награда.

Единствената личност која на тој прес, јавно сподели дека го дели моето мислење и дека не се согласува со оваа одлука беше режисерката и сценаристка на филмот „Преекспонирано“ Елеонора Венинова.

Од фотографиите гледам дека Лечиќ на доделувањето на наградите го седнале меѓу жени, ама овој пр-ски потег е многу провиден.

Јас само би прашала?

Какво беше чувството да седите до Лечиќ и дали на вториот прес не ме поканивте за да не поставам незгодни прашања?

Од што се плашите, или само го штитевте гостинот, кој веќе не е толку ценет ни во својата земја?

Извинете ама јас не сум држач на микрофон!

Соња Танеска

АКТУЕЛНО

Поврзани објави