Фото Слободен печат

Со химна започнуваат седниците во Карпош – Наместо учениците, исправени и мирно стојат советниците

Застанати и исправени, советниците, градоначалникот и општинските служби присутни во салата на почеток на седница на Советот на Општина Карпош го слушаат интонирањето на државната химна. Вака почнуваат последните неколку седници на Советот, по што следува расправата за дневниот ред и вообичаените дискусии, а честопати и кавги.

Невообичаениот и необичен почеток на седницата, кој не се практикува ниту на седниците во Град Скопје, ниту во другите општини, па ниту на парламентарните заседанија, започнал, како што дознава Слободен печат. Според некои од нив без, а според други со одлука на Советот. Едноставно еднаш била пуштена химната и таа сега редовно се интонира без никакви забелешки, ниту противење од присутните.

Неколкумина советници тврдат дека ова се прави затоа што градоначалникот Стевчо Јакимовски не ја спроведува двапати изгласаната одлука химната секој понеделник да се интонира пред почетокот на наставата во училиштата во Карпош.

Двапати донесовме одлука за химна во училиштата, но тоа не се спроведува, па во една расправија на Совет градоначалникот рече – ако сакате да ви ја пуштам и на Совет. Координаторот на нашата советничка група Роберт Вељановски се согласи дека тоа е одлична идеја и побаравме службите да изготват таква одлука. Помина извесно време и на почетокот на една од седниците претседателот на Советот, Бранко Ристов, не повика да станеме затоа што ќе се интонира химната. И така почна сѐ и трае еве веќе три седници. Но, таква одлука не сме донеле – вели Адријана Јакимовска-Панчевска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ, на прашањето зошто се интонира химната на седниците на Совет и има ли одлука за такво нешто.

Дека сето е поврзано со химната во училиштата, потврдува и советничката Невена Георгиевска од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“.

Ова почна со химната за училиштата и бидејќи градоначалникот правеше проблем за училиштата, самиот рече дека ако им наметнуваме, треба да почне со нас – објаснува Георгиевска и додава дека Советот донел таква одлука на седница во ноември.

Во Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Македонија никаде не е предвидено нејзино интонирање на редовна седница на Совет ниту пред почетокот на наставата во училиштата. Како што е прецизирано во Законот, химната се интонира при испраќање на претседателот на државата во официјални посети на странски држави и при неговото враќање, при пречек на претседател на друга држава, при полагање венци на воени гробишта, но и на прослави, политички собири, паради и други свечени манифестации со кои официјално се одбележуваат настани од значење за единиците на вооружените сили, потоа на меѓународни средби, натпревари и други собири на кои Македонија официјално учествува или е презентирана, на погреби на значајни личности, но и во други случаи, ако нејзината употреба не е во спротивност со одредбите на овој закон.

Доколку химната се изведува спротивно од законските одредби предвидена е и парична казна за правното лице во износ од 50.000 до 300.000 денари.

На прашањето според која законска одредба или одлука на Советот се изведува државната химна на седниците, градоначалникот Јакимовски вели – според никоја, по желба на ВМРО-ДПМНЕ.

Длабоко сум убеден дека химната се интонира само во свечени случаи, државни празници меѓународни собири и спортски натпревари, одбележување на значајни датуми од историјата итн. Химната е свечена песна и се користи во свечени прилики. За жал, кај нас во Општина Карпош нема никаква свеченост, туку кај нас по интонирањето на химната најчесто од советниците на ВМРО-ДПМНЕ започнува расправија за дневниот ред, за материјалите, за што сѐ не и вообичаено, дневниот ред се усвојува во временски интервал од 2 до 5 часа, па потоа почнува седницата на Советот. Значи, наместо химната да биде свечена, таа е увертира во посакуваната кавга на дежурните инаетчии во општинскиот совет. Многу пати апелирав, барем химната да не ја вовлекуваме во вакви грозни политички пресметки, но разум нема – тврди Јакимовски.

Тој истакнува дека химната на седниците на Советот се интонира без официјално објавена одлука во „Службен гласник“ затоа што одлуката е донесена насила и без соодветна законска правна процедура.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави