Во општина Карпош е поставен првиот „хотел“ за диви пчели

По повод одбележување на Денот на планетета Земја, вчера во населбата Карпош 3, претставници на невладината организација ТАКТ во соработка со Општина Карпош го поставија првиот „хотел“ за згрижување на инсекти – опрашувачи на територија на локалната самоуправа. Станува збор за иницијатива којашто се реализира во рамки на проектот СУДЕКУ (Одржлива демократка култура), чии носители се НВО ТАКТ и швајцарскиот Универзитет за образование на наставници во Цирих.

Вакви куќарки за диви пчели ќе се постават и во Куманово и Крива Паланка, кои заедно со Општина Карпош се дел од проектот СУДЕКУ, а од невладината ТАКТ откриваат дека постои желба да се постават околу 1.000 пчелни хотели во период од две години.

Инаку, на Балканот живеат неколку стотици видови на пчели а на многумина од нив им се заканува изумирање, со што се зголемува опасноста од катастрофален колапс на екосистемот на природата. Како главна причина за забрзаното исчезнување на инсектите е наведено интензивното земјоделство, со особено големата употреба на пестициди. Меѓу главните фактори за ваквиот негативен тренд се и урбанизацијата и климатските промени. Доколку не го смениме нашиот начин на производство на храна, инсектите како целина се на добар пат за исчезнување во наредните неколку децении, алармираат експертите.

Според нив, опстојувањето на инсектите е од есенцијално значење за правилно функционирање на сите екосистеми, бидејќи тие претставуваат храна за другите суштества, а воедно се и главни опрашувачи и рециклирачи на хранливи материи. Оттука ваквите домашни пчелни хотели можат да придонесат многу, за опстанокот на овие корисни инсекти. Имено, овие мали куќарки се изработени од различни природни материјали и стратешки се поставуваат во градини, во паркови и на други локации кои често се изложени на сонце. Пчелните хотели покрај тоа што се функционални и помагаат при заштита на инсектите – опрашувачи, истите служат и како едукативни алатки за учење на пчелна биологија, како и за подигнување на свеста за важноста на осамените пчели. Тие можат да се користат во училиштата, во градините во локалната заедница и во природните резервати, притоа вклучувајќи ги луѓето од сите возрасти во нивното создавање и одржување. И конечно, целта на овие пчелни хотели е да ги поддржат локалните пчелни популации, особено осамените пчели кои често немаат соодветни места на гнездење во урбаните животни средини. На овој начин со обезбедување на места за нивно гнездење, може значително да се помогне и непосредно да се влијае во подобрување на биолошката разновидност и одржување на здравата животна околина.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави