Вработените во ЈСП плати добија, ама автобусите пак си доцнат

Понекогаш сум многу тажна што живеам во град во кој уште од излезната врата на зградата те чекаат неколку проблемчиња за да ти го направат денот потежок. Го сакам Скопје ама поради носталгијата на поранешниот град, не поради грдотијата во која се претвори.

 Прво што гледаш наутро, кога тргнуваш на работа, се плуканиците и стапалките по ѕидовите од лифтот и се прашуваш со какви луѓе го дишеш воздухот во влезот.

Излегуваш на улица и гледаш дека некој го запалил контејнерот иако е пластичен, не знам зошто луѓето обожуваат да палат ѓубре и слични работи и до каде добиваат такви глупави идеи.

Автобуската ти е на две минути, но не и автобусот.

По протестите од еден ден, првиот синдикалец во ЈСП, Миќо Стојановски, објасни дека, објективно, може да очекуваат дека ќе бидат спокојни до септември, бидејќи од субвенциите, 360 милиони денари треба да одат и за приватните превозници. 

Сепак ова не го решава проблемот на скопјани, бидејќи возачите не ги интересира возниот ред, тотално е небитно дали луѓето мрзнат чекајќи, махери се за прескокнување станици, пред некој ден возач на ЈСП претепа патник. Секако дека возачите имаат право да земат плата, но во секоторот услуги треба да си ја заработиш платата, ама кога постои монопол тешко дека ќе се потрудат, поточно баш им е гајле.

Понекогаш се прашувам и дали воопшто некој од претпријатието се потруди да ја поправи состојбата во самото претпријатие или секој гледа да искористи колку што може.

Не е проблемот што сега се изгласаа субвенциите, граѓаните имаат право на јавен превоз, но проблемот е што и кога има решение, советниците, особено оние од ВМРО-ДПМНЕ кои сега најмногу притискаа и беа гласни да не се даваат субвенции за ЈСП затоа што требало реформа, е тоа што не гласаа за фамозниот проект БРТ како решение за јавниот сообраќај. А навистина тој БРТ беше голема надеж за граѓаните. Трагично е што не се спроведува а плаќаме пенали.

Вакво како што е ЈСП, со очајните двокатни лименки, со огромна администрација која работи само до 15 часот, со неодговорни и дрски возачи, не може да се реформира брзо. Со децении работат со загуби, а на секое влегување има по четворица контролори, кои многу често се насилни и мислиш прават рација кај дилери на дрога, се однесуваат како да си најголем криминалец ако случајно многу буричкаш низ ташната за да ја најдеш картичката.

Притоа никако да им текне дека поради огромните гужви и непрактично поставнеите апаратчиња за верифицирање на билетите се поставени напред и позади во автобусот, а некако возачите се волни да ти отворат само средна врата, некогаш и не успеваш, а и немаш желба да се пробиеш и да платиш билет.

Овие филозофии ти се мотаат низ главата додека чекаш, а надвор е ладно, многу ладно. 

Се појавува автобусот, таков расклатен, без парно, нечист. Се чувствуваш уште потажно. 

Во автобусот сите со слушалки, слушаат музика и тивко патуваат на работа. 

Тажни се…

Соња Танеска

АКТУЕЛНО

Поврзани објави