Забрчанец: Отворен Балкан и Берлинскиот процес се комплементарни и ги подготвуваат земјите за членство во ЕУ

„Отворен Балкан и Берлинскиот процес, морам да потенцирам дека се се комплементарни меѓу себе, пред се според своите цели, имаат дури и слични проекти. Еден проект започнал во една иницијатива, бил преземен во друга и реализиран до крај и обратно, црпени искуства и се надополнувале тие две иницијативи и најважното можеби што и во едната и во другата три држави се идентични“ рече Националниот координатор за Отворен Балкан и регионални иницијативи, Марјан Забрчанец на конференцијата „#МКвоЕУ: Предизвици и перспективи“ организирана од Цивил.

Тој додаде дека тоа се истата Македонија, истата Србија и истата Албанија кои учествуваат и во Отворен Балкан и во Берлинскиот процес и затоа ги отфрла злонамерните шпекулации дека Отворен Балкан требало да биде алтернатива на Берлинскиот процес или алтернатива на ЕУ.

„И двете иницијативи ја подготвуваат земјава и го подготвуваат регионот за членство во ЕУ. Ако Берлински ни донесе соработка меѓу младите преку RYCO, Отворен Балкан ни донесе зелени ленти на граничните премини побрзо да поминуваат транспортерите и бизнисот подобро да оди во трите држави. Ако Берлински ни донесе поевтин роаминг, Отворен Балкан ни донесе бесконтактни електронски наплати на патарините за побрз проток на возилата. Ако Берлински донесе признавање на дипломи и квалификација, Отворен Балкан донесе остварување на работните дозволи како услов за поголема мобилност на пазарот на трудот“ потенцираше Забрчанец.

Тој додаде дека не може да има премногу слобода и премногу регионална соработка, но напуштањето на регионалните иницијативи нема да донесе ништо ново освен нови ѕидови, нетрпеливост, жешки националистички страсти и наративи, но и намалување на економската активност меѓу државите.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави