Аврамовска Мадиќ: Очекуваме Палевски да биде екстрадиран, не можам да го коментирам неговото писмо

Министерот за правда беше во посета на својот колега во Турција и како што беше информирана јавноста, судската постапка е завршена и се чекаат административни документи да се завршат, изјави денеска заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ, одговарајќи на прашање до каде е екстрадицијата на Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Според Мадиќ, се очекува Палевски наскоро да биде екстрадиран.

Една од новинарките на прес-конференција во Владата изјави дека Палевски имал објавено писмо, што преку неговата партија Десна го испратил до медиумите, на што заменик-министерката изјави дека не сака да го коментира со оглед на судската постапка, бидејќи како што вели, може да биде погрешно сфатено во јавноста и може да ѝ наштети на постапката.

Што се однесува до Палевски, доколку и кога ќе биде екстрадиран во земјава, тој веднаш ќе биде спроведен во казнено-поправна установа бидејќи веќе му е одреден притвор во рамките на истражната постапка што Основното јавно обвинителство Скопје ја отвори за случајот кој ја потресе македонската јавност, но и регионот.

Министерот за правда, Кренар Лога на почетокот на февруари изјави дека „во прашање се денови за испорачување на Палевски во Македонија“.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави