ФОТОРЕПОРТАЖА Рим – епицентарот на светската историја, Фиренца – градот уметност самиот по себе

Ако се земе предвид дека на патувањето во Италија поминувавме околу 15 илјади чекори дневно на температури од +35 степени и возевме во просек по 180 км. дневно, се надевам разбирате зошто ви пишувам со неколку дена закаснување од ветеното во првата репортажа.

Многу е тешко да се прави репортажа за Рим и Фиренца а да не се повтори она што веќе сте го слушнале.

Некаде на пат од Наполи кон Рим, бидејќи имавме неколку часа до најавеното пристигање до сместувањето кај Лаура, решивме да посетиме блиска плажа до Рим и да се изладиме. Безмалку сите плажи во местото Остиа беа да мора да се плати влез. Не те пуштаат ни да погледнеш што нуди плажата. Најдовме бесплатна, се искапивме и кинисавме кон Рим. Нема што многу да се раскаже, морето и плажата ништо посебно, би рекол како Паралија во Грција или полошо, но амбиентот што го гледате додека патувате накај Рим вредеше да се види.

Патот до Рим. Фотографија од Ана, сликана од кола.

Влегуваш со кола во Рим и во првиот момент те фаќа трема, го имаш она чувство дека се наоѓаш во градот што бил епицентар на светската историја повеќе од 700 години. Во вториот момент најдобро е добро да си ги отвориш очите кога возиш низ улиците на Рим, но и низ сите градови во Италија. На скутери, Веспи е она на што треба да внимавате, ако возите со кола. Се пикаат од секаде. Имав блиска средба од таков вид кога при стоење на раскрсница од нигде никаде скутер се удри во тркалото од колата и за малку ќе ми се качеше на десното крило. Вели требало да гледам дека се пикал низ коли и да го пазам. Си се испокаравме малку на раскрсница, ама на крај се испоздравивме пријателски со насмевки и секој по патот. Многу убав народ Италијанците, по мој мерак.

Во Рим бевме три дена. Во градот не пречека температура од над 42 степени во сенка. Имавме „среќа“ да ја погодиме најжешката недела во годината. Лекот за тоа е обавезно со себе шише со вода и шешир или капа, поготово ако си скаран со косата како мене. Одморивме малку и кога се стемни фативме прв автобус до центарот на туристичките збиднувања: Треви, Пантеон, оној плоштад, оние скали, таа катедрала… Пред неколку години кога бевме во Рим, го сутнавме целодневно и Ватикан, така што си одмаливме колку-толку.

Ако бараш од каде се купува возен билет, туку може едноставно со кредитните (дебитните) картички сами да си се искуцате при влез во автобус. Допираш со картичката до апаратот и решена работа. Имаат и различни опции да бираш за едно или повеќе  возења, дневна или повеќе дневна влезница во зависност како ти треба. Начекавме и автобуска контрола, само им ја даваш кредитната картичка, и тие проверуваат дали си се искуцал. Многу добро решение, што може да се позајми и примени и кај нас, се разбира кога ќе имаме нормално ЈСП и градоначалници.

Многу ми е интересно што на групите од Фејсбук за Италија се воодушевуваат од на пример ако ја начекаат фонтаната Треви без луѓе и се сликаат. Како што пишуваат, станувале и во 5 наутро за да го постигнат тоа. Јас пак, сакам да гледам луѓе, насмеани, спонтани како уживаат во убавините што ги нуди градот, не празни фонтани, споменици и објекти. Колку и да се безвремени архитектонски и не знам какви решенија, без луѓе ми се пуста пустелија.

Цените на храната во нормалните ресторани и пицерии во Рим се поскапи, а пивото и сладоледот речиси исто како и во Наполи. Но тоа е и за очекување. Нели, јадеш сладолед на Шпанските скали, или покрај фонтаната градена од ренесанса до барок што ја замислил Бернини, ја почнал Салви а ја завршил Панини. Најдобро е да си ги знаете овие убави приказни за впечатокот да ви биде посилен. За да го видиш убаво Рим, секогаш ќе ти недостасуваат денови, а за да го доживееш најверојатно ќе мора да живееш во Вечниот град.

Ноќта беше убава, но наредниот ден беше денот „М“ (концертот на Muse), иницијалната каписла за ова патување, а моравме и да одмориме екстра зашто дента планиравме и влез во Колосеумот.

И како што рековме, најжешкиот ден во годината во Рим мораше да ни биде и најдолгиот. Нарамивме ранците и тргнавме кон храмот на гладијаторите. Дури чекавме да купиме влезници (добро Ана чекаше, мене ме набрка под сенка да не и правам проблем со притисокот), плаќавме за мало шишенце вода и по 2 евра, Совет, купувајте ако сте во можност, онлајн билети, посебно ако го посетувате Колосеумот и Ватикан во лето. И пијте вода, МНОГУ ВОДА!

На стадионот Олимпико бевме два часа пред почетокот на концертот на Muse. Светската турнеја на бендот насловена „Will of the People“ беше настанот што мораше да го впишиме во нашите рок-концерт и фестиваски бележник.

Muse, Стадион Олимпико, Рим. Фото: Официјална страница на Muse

Она, блеев после првото интро и се смеев. Не зборував, не знам дали дишев. И како што тоа обично бидува од возбуда и од радости успеав донекаде да се соберам себеси тек на „Psycho“, за да почнам со цело рок-битие да урлам на „Resistance”, „Madness” па се до „Supermassive Black Hole” и „Uprising”. Концертот е смислен како една приказна која тече без ни една пауза. Мет Белами ги нема оние вообичаени лигавења и флертувања со публиката, а Крис Волстенхолм и Доминик Хауард се тука да го заокружат моментално според мене најдобриот рок бенд во светот. Толку добро и визуелно и акустично е покриена целата работа, што не почувствувавме потреба од бис и преповторување на ударните хитови. Лудница од концерт, не знам што повеќе да кажам.

Мет Белами, Muse. Стадион Олимпико, Рим. Фото: Официјална страница на Muse

Утредента после поминати повеќе од 50.000 чекори за неполни два дена, ја пишував репортажата за Наполи. Следниот ден тргнавме за Фиренца.

За мој вкус Фиренца е поубав град од што е потребно да биде. Тоа е најубавиот град што некогаш сум го видел, а престижниот „Форбс“ се сложува со тоа. Вториов пат на посета на Медичевата „Атина на средниот век“ како што ја нарекуваат Фиренца, само го надополни впечатокот од првата посета. Фиренца е уметност самата по себе. Она што го направила фамилијата Медичи за Фиренца, кога одиш низ градот ти дава впечаток како да се движиш помеѓу Микеланџело, Леонардо да Винчи и Ботичели.

Го имаш тука мостот Понте Векио. Тоа е средновековен камен, сегментален своден мост на реката Арно со објекти на самиот мост. Понте Векио е единствениот мост во Фиренца поштеден од уништување на Германците за време на Втората светска војна, кои ги уништиле сите други мостови. Денес мостот е туристичка атракција каде ја слушнав можеби најдобрата изведба на „Nothing Else Matters” на Металика, од еден уличен свирач на акустична гитара.

Па го имаш Уфици. Еден од најголемите и најстарите ликовни музеи во светот отворен за јавноста во 1765 година, а отворен за посетители со дозвола уште од XVI век. Изградбата на комплексот, како што потсетува Википедија, ја започнал Џорџо Вазари во 1560 година по порачка на војводата Козимо I од династијата Медичи, со цел да ги вдоми службите на фиренската управа. Најгорниот кат бил галерија за Медичи и нивните посетители во која се изложувала семејната збирка на римски скулптури. Музејот е отпочнат кога Ана Марија Луиза Медичи, како последен член на династијата, ги подарила сите семејни збирки на градот Фиренца.

И дури ги разгледуваш светските сликарски ремек дела поместени во музејот, ти притекнува дека тие ходници им биле збирно место и на Леонардо да Винчи и Микеланџело. Па седнуваш на дрвените клупи да починиш до некоја мермерна скулптура од пред 10 или 20 века, за да земеш сила, па одиш од една просторија во друга…

Фиренца. Фото: Ј. Ѓорѓиоски

Дури си трепнал ти поминале неколку дена во Фиренца, а планирано ни беше и еднодневна посета на Музејот на Ферари во Маринело.

Запаливме аутото и правац Маринело кое е оддалечено некои 140 километри од Фиренца во правец на Болоња. Само еден куриозитет, од Фиренца до Болоња водат два автопати. И јас се чудев, но тоа е Италија и ЕУ. Изгуглајте ако не ви се верува.

Во Близина на Болоња, Ферари има два музеи, еден е во Маринело, друг во Модена. Посетителите имаат можност да ги посетат и двата, но по препораки од блогери одбравме да одиме во Маринело и мислам дека не згрешивме. Само што ќе се приближиш до музејот те пречекуваат изложени ферари кои за +100 евра десетминутно возење можеш да го пробаш и доживееш чувството да возиш престижна моќна машина. Оставив тоа за друг пат пошто ми беше „соленко“. Влегуваш во музејот и те заболува глава од  дизајнерската умешност на креаторите на Црното коњче. Од уникатни автомобили, до болидите на формула еден на Ферари, па се до стотиците освоени титули во автомобилскиот и Формула 1 светот. Ана ме кандиса (до душа не ми требаше многу мора да признам) да извозам симулација во болид на Ферари на патека по избор од Ф1. Ја одбрав Монца, се разбира. Возиш некои шест и пол минути за 30 евра. Она, седнуваш во кокпит, со рачно менување на брзини, со кочење и давање на туража исто како во прав болид. Јако в крај, ако имате можност не се пропушта.

Мавнавме по еден сендвич и праска што си ги носевме купени од маркет и си се вративме во сместувањето во Фиренца кај Косимо и неговата прекрасна мајка.

Наредниот ден ја спраштивме за Санремо, каде имавме резервирано пет ноќевања, со планирана целодневна посета на Монако, а не чекаа уште три ноќевања во Бардолино на езерото Гарда и едно во Постојна во Словенија, за кои ќе читате во следната репортажа.

Јане Ѓорѓиоски

Фото: Ана и Јане

Извор: Фронтлајн

Првата репортажа на следниот линк

 

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави