Кога лисјата паѓаат во Чашкa

НАЗМИ АБДУРАХМАНИ

„Национализмот е инфантилна работа. Тоа се мали сипаници на човештвото“. Ова не го кажал некој обичен смртник од ќошето на некоја чајџилница, пиејќи чај, додека ги гледа нашите стерилни телевизиски дебати кои се, всушност, медиумски шунд и кич, отколку што служат за јакнење на јавната свест и промовирање на цивилизациските вредности. Ова не го кажал ниту некојси политички профитер кој одлуките ги носи ad-hoc, како ќе му текне, ниту некој од тие на кои државата му го нема дадено заслуженото, па гневен решил да ја напушти.

Ова е мисла на Алберт Ајнштајн, познатиот научник, кој од прва рака го искусил животот во една средина во која општеството е нетолерантно кон малцинството.

И токму ова го гледаме кај нас, иако со големо неверување дека може да се случи во 21 век, ама ете сепак ни се случува, се организираат протести на граѓани од мнозинската етничка група против нивните сожители од помала етничка група. И за што? Да ги спречат да учат во училиште, само поради тоа што зборуваат различен јазик од нив. А тоа што највеќе запрепастува е гневот кој може да се види на лицата на луѓето кои станаа на протестот против  паралелка на албански јазик во Чашка.

Ова е некое си déjà vu, ме потсети на студентско-средношколските протести од ‘97 година против преминувањето на Педагошката академија во Скопје во факултет, и си викам – дали тие протагонисти беа навистина „загрижени“ дека се гази Уставот, дека со устав било забрането Албанците да имаат факултет на мајчин јазик, како што тврдеа студентите демонстранти, или нивната борба беше да се етаблираат политички, што на крајот на денот им успеа – денес сите тие имаат изградено солидни политички кариери.

Ден денес ги гледаме по телевизиските екрани, ни продаваат магла промовирајќи држава само за нив прифатлива, не за сите.

Историјата ни се повторува, по повеќе од 25 години, со истото сценарио, ни се случува Чашка, бидејќи според претседателот на советот на родители на ОУ „Тодор Јанев“, тие не протестираат против формирањето на паралелката на албански јазик, туку поради тоа што се прекршени процедурите, но уште поинтересна е изјавата на градоначалникот на општина Чашка.

-Како градоначалник на Општина Чашка сметам дека секое дете согласно Уставот во Република Северна Македонија треба да си учи на својот мајчин јазик. Истото го поддржувам и стојам зад тоа, но во рамките на законските регулативи. Доколку отворањето на оваа паралелка е според закон, немаме дилема. Но протестите на граѓаните кажуваат нешто друго и затоа замолувам Министерството за образование и ресорните институции да ги проверат актите и да постапат согласно Законот. Исто така, го охрабрувам МОН и министерот, што побрзо да изнајдат решение со цел 150 ученици да не бидат надвор од училишните клупи, како што се случува, за жал, повеќе од 3 недели – изјави градоначалникот Стојановски за „Слободен печат“.

Сè е во ред со оваа изјава до делот – „но протестите на граѓаните кажуваат нешто друго и затоа замолувам Министерството за образование и ресорните институции да ги проверат актите и да постапат согласно Законот“. Тоа може да значи дека во нашава држава институциите можат да ги газат законите, ако се соберат неколку луѓе и протестираат против нив. Ова не е ништо друго, туку легитимирање на газењето на законот и јавниот ред и мир.

Сега го прашувам градоначалникот, дали Уставот е повисок акт или протестите на група луѓе? Како тој мисли, во својство на градоначалник, да живее заедно со Албанците од општината? Што има намера да прави со овие луѓе, кои бараат нивните деца да учат на својот мајчин јазик!?

Колку и да се наивни овие прашања, се надевам дека ќе добијам одговор.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави