„Молитви на моето тело“ вечерва на Танц Фест Скопје

Со претставата „Молитви на моето тело“ вечерва, во 20 часот во Националната опера и балет, во рамки на јубилејното, 20-то издание на фестивалот „Танц Фест Скопје 2024“, завршува програмата насловена „Паралели”.

Претставата е балетски триптих, инспирирана од циклусот поезија со истоимениот наслов на Ацо Шопов. Потписници на кореографиите се Ивана Коцевска, на музика на Дарија Андовска за првиот дел под наслов „Раѓање”; Адријана Данчевска Ровчанин, на музика на Александар Гроздановски на вториот дел „Преплетување”; Саша Евтимова, на музика на Александар Пејовски на третиот дел „Вознес”. Идејата за проектот е на Александар Ношпал, кој е воедно е и костимограф, а драматург е Соња Здравкова-Џепаровска. Сценографијата е на Михалјо Стојановски, визуелен уметник е Флоријан Чанга (Р. Албанија). Видео анимациите во циклусот „Вознес” се на Доријан Миловановиќ, мултимедија и графички дизајн на Лазе Трипков, стиховите ги чита Никола Ристановски.

Фестивалската програма продолжува во петок, 26 април, во 20 часот, со отварање на изложбата „Рефлексии” на која ќе се претстави холандската фотографка Карла Шу, со едицијата „Да се забележи моментот”; дел од авторството за танцови претстави на костимографот Благој Мицевски и ретроспектива на фотографии од Танц Фест во изминативе 20 години, низ објективот на фотографите Сашо Димовски и Драган Перковски.

Јубилејната прослава е планирана за 30 април, во 20 часот во Македонскиот народен театар со кореографиите „The best of” на Рисима Рисимкин и „Место. Многу посебно за неа” на Адријана Данчевска Ровчанин, во изведба на Скопје танцовиот театар. Вечерта ќе биде доделена и Наградата МЕНАДА за врвни достигнуваеа во танцот”, постхумно на балетскиот уметник Марин Црвенов.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави