Олаф Шолц: Гласот за СДСМ, Ковачевски и Пендаровски е глас за европската иднина на Македонија

Германскиот канцелар Олаф Шолц, во име на Социјалдемократската партија на Германија, упати порака во која искажа поддршка за Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, на претседателот на партијата Димитар Ковачевски и на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, за претстојните избори и за натамошниот европски пат на Македонија кон полноправно членство во Европската унија.

„Изборот е во ваши раце“, порача Шолц во видео пораката која беше прикажана на одбележувањето на почетокот на кампањата на СДСМ за парламентарните избори што се одржува денес во Скопје. Тој посочи дека европската иднина на Северна Македонија ќе се поддржи со давaњето на гласот за СДСМ, со Димитар Ковачевски како премиер и Стево Пендаровски како претседател.

„СДСМ и претседателскиот кандидат Пендаровски ја имаат подршката од нашите пријатели од Европа. Тие се свесни и ги поддрживаат напорите на Македонија да стане дел од европското семејство. Меѓу нив е и Олаф Шолц“, порачаа од СДСМ, пред претставувањето на партиската програма.

Во пораката, Шолц поздравувајќи ги, како што вели „нашите пријатели во Северна Македонија“, нагласи дека оваа година има многу важни избори кои ќе ја обликуваат иднината на Европската унија.

„Ова ги вклучува и претстојните избори во вашата земја“, порача Шолц.

Тој посочи дека патот кон Европската унија не беше лесен за Северна Македонија, како и дека неуспесите и одложувањата разбирливо доведоа до разочарување во нашата земја.

„Но, ве молиме не дозволувајте ова да ги поткопа вашите европски амбиции. Овде, во Германија, ние сме целосно свесни колку напредок веќе има направено Северна Македонија. Димитар Ковачевски, Стево Пендаровски и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија покажаа голема решителност да ги надминат надворешните и домашните предизвици и да ги преземат неопходните чекори за изградба на посилна, попросперитетна Северна Македонија“, вели Шолц, додавајќи дека тие ја водеа нашата земја во НАТО и ги зајакнаа европските вредности на демократија и слобода.

„Ова е вистинскиот пат и имам целосна доверба дека тие успешно ќе ја водат Северна Македонија до целта и во Европската унија“, нагласи Шолц.

Тој исто така посочи дека нема сомнеж дека за тоа се потребни тешки одлуки, одлуки кои бараат храброст и лидерство.

„Храброст и лидерство што вие, народот на Северна Македонија и СДСМ го покажавте во минатото. И јас сум убеден дека тоа ќе го покажете уште еднаш“, вели Шолц додавајќи дека на овој начин може да се потпреме на целосната поддршка од Германија, бидејќи, како што нагласи, „знаеме дека местото на Северна Македонија е во ЕУ“.

„Тука припаѓате вие, Димитар Ковачевски, Стево Пендаровски и јас ја делиме истата цел. Сепак, изборот да ја претворат оваа цел во реалност не зависи од нив. Ниту од мене. Вие, граѓаните на Северна Македонија, можете да ја донесете оваа одлука, без разлика на вашето етничко потекло или верско убедување. Ве молиме нека се слушнат вашите гласови на 24 април и на 8 мај. Поддржете ја европската иднина на Северна Македонија, иднина на која сите се надеваме, давајќи го својот глас за СДСМ, со Димитар Ковачевски како премиер и Стево Пендаровски како претседател“, вели германскиот канцелар Олаф Шолц, во видео пораката.

 

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави