Ова е најстариот хотел во светот

Во јапонската префектура Јаманаши  се наоѓа го хотелот наречен „Nishiyama Onsen Keiunkan“, а таму, освен персонал облечен во традиционална јапонска облека кимоно, калиграфија, антички јапонски свитоци и татами подови, ќе ве дочекаат 1400 години историја и традиција. Имено, „Nishiyama Onsen Keiunkan“, традиционално јапонско преноќевалиште или „рјокан“, е познат како најстариот хотел во светот, изграден во дамнешната 705-та година.

Сместен во подножјето на планината Акаиши, на извори на термална вода, хотелот е основан од Фуџивара Махито, син на помошникот на 38-от јапонски император Тенџи. Низ вековите, многумина отседнувале таму, вклучувајќи го и актуелниот јапонски император Нарухито. Но, во 2011 година, гласот за овој „рјокан“ излезе далеку од границите на Јапонија – тој беше вклучен во Гинисовата книга на рекорди како најстар хотел во светот.

Оттогаш во него сè почесто доаѓаат туристи од целиот свет, дури и покрај фактот дека воопшто не е лесно да се дојде до него. Ќе морате, пишува „CNN“, прво да го поминете хаосот на железничката станица Шизуока, каде што брзиот воз ќе ве однесе сè до селото Минобу. Таму ќе ве земе шатл-автобус и ќе ве вози уште еден час по кривулестиот пат подлабоко во планините. Кога возењето конечно ќе заврши, ќе зачекорите во друг свет. За почеток, ќе добиете влечки. Чевлите, како и во другите традиционални јапонски преноќевалишта, не се дозволени.

Потоа ќе се сместите во една од 37-те соби на овој традиционален конак. Стандардните соби се состојат од три целини, поточно две места за седење и една „дневна соба“, а спојувањето со природата е неизбежно. Не само што собите нудат поглед на околината, туку природата е составен дел од самиот хотел. Подовите се направени од локален камен, додека бањите (кои порано биле природни пештери) денес се направени од дрво.

Имено, „Nishiyama Onsen Keiunkan“ може да се пофали со вкупно шест термални извори, односно базени – четири надворешни и два внатрешни. Според „CNN“, овие базени се достапни само со претходна резервација, благодарение на што можат да уживаат и луѓето со тетоважи. Имено, овој медиум пишува дека повеќето јапонски термални бањи забрануваат тетоважи поради нивната поврзаност со криминалната организација Јакуза.

Вечерата се служи во приватна просторија во времето резервирано од гостинот. Станува збор за пет јадења придружени со локално вино – од суши и лесна супа до чадена риба и месо на скара. Секогаш кога е можно, се користат локални состојки, а камењата што се користат за скара доаѓаат од вулканските карпи на планината Фуџи.

По вечерата, кога гостите се враќаат во своите соби, не ги наоѓаат исто како што ги оставиле. Имено, дневната соба во меѓувреме е променета во спална соба, а притоа се посветува внимание на секој детаљ. На подот се ставаат футони, а перницата е внимателно поставена така што кога гостинот ќе ги отвори очите наутро, првото нешто што ќе го види е прекрасната природа.

Најстариот хотел во светот, со кој до 2017 година управувале 52 генерации од истото семејство (потоа, поради недостаток на наследник морало да се најде различен модел на управување) е цврсто посветен на зачувување на традицијата што живее во неговите ѕидови, кои досега преживеале секакви несреќи – од пожари преку одрон на карпи до тајфуни. Иако имаат сè повеќе странски туристи, тие се решени да ја зачуваат својата историја.

За разлика од некои други преноќевалишта, кои дозволуваат чевли и поставуваат кревети во собите за да ги задоволат барањата на странските туристи, „Nishiyama Onsen Keiunkan“ не се откажува туку се прилагодува на свој начин.

Што се однесува до цените, гостите можат да се одлучат за некој од пакетите што ги нуди хотелот. Цената на еден од препорачаните на веб-страницата на хотелот за соба во која може да се сместат од 2 до 6 лица е околу 330 евра. Во цената е вклучена и јуката, летно памучно кимоно кое гостите го носат за време на нивниот престој во хотелот.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави