Пластика од целулоза за поздрава животна средина

Идејата за биопластика не е нова – веќе некое време, еколошки ориентирани научници се обидуваат да најдат соодветна замена за пластиката каква што ја знаеме денес, која ќе може целосно да се рециклира.

Значаен придонес во овие напори дадоа истражувачите од Универзитетот Хокаидо во Јапонија кои развија соодветен метод за правење различни полимери од растителна целулоза.

Целулозата е полисахариден полимер со долг ланец, што значи дека се состои од повеќе групи шеќери поврзани со хемиски врски. За да се создаде нова класа на полимери што може да се рециклираат, тимот на Хокаидо разви хемиски процеси за да се промени структурата на полимерите добиени од целулоза и да се создадат различни материјали за низа апликации, се вели во соопштението на Универзитетот.

Една од најчестите компоненти на биомасата добиена од растенијата е токму целулозата, бидејќи таа претставува клучен дел од цврстите клеточни ѕидови на сите растителни клетки. Како таква, целулозата е изобилно достапна од растителен отпад како што се сламата и струготини, така што нејзината употреба како суровина за производство на полимери не треба да влијае на достапноста на земјоделското земјиште за производство на храна.

Истражувачите веруваат дека новата биопластика, која е целосно стабилна и може да се рециклира, ќе застане на патот на пластичниот отпад, кој е еден од најголемите загадувачи на животната средина.

„Нашите најголеми предизвици беа да ја контролираме реакцијата на полимеризација која поврзува помали молекули на мономер и да добиеме полисахаридни материјали кои се доволно стабилни за вообичаени апликации, додека сè уште можат да се разградат и рециклираат под специфични хемиски услови“, вели доцент Фенг Ли, еден од истражувачи.

Ли додава дека најголемото изненадување во текот на истражувањето била високата проѕирност на полимерните фолии што ги правеле, што може да биде пресудно за понатамошната примена на оваа биопластика.

Извор: energetskiportal.rs

Редакција Трн

АКТУЕЛНО

Поврзани објави