Полицијата ги проверува базните станици и телефоните на родителите на исчезнатото девојче во Србија

Потрагата по двегодишната Данка Илиќ, која исчезна во околината на Бор во источна Србија, влезе во третиот ден.

Полицијата ги проверува базните станици и ги прегледува мобилните телефони на родителите. Утврдено е дека девојчето не се наоѓа во радиус од 10 квадратни километри од местото на исчезнувањето. Властите соопштија дека во текот на ноќта се појавила информација дека Данка била пронајдена, но се покажала како неточна.

На 28 март полицијата соопшти дека „интензивно работи на пронаоѓање на девојчето, како и на утврдување на сите факти и околности поврзани со нејзиното исчезнување“.

Ден претходно, потрагата беше прекината на теренот каде што беше пријавена за исчезната бидејќи, како што соопшти полицијата, „се укажува дека девојчето не е на тој простор“ од 10 квадратни километри.

Во Бањско поле кај Бор на 28 март бројот на полицајци е видно намален, но патроли се уште се стационирани во близина на куќата од која исчезна девојчето, јави РТС.

Од денот на нејзиното исчезнување, на 26 март, по девојчето трагаат полицајци со кучиња, спасувачи и голем број граѓани. Во потрагата се користат и хеликоптери и беспилотни летала со камери за термичка слика.

Министерството за внатрешни работи на Србија на 28 март апелираше до медиумите да не објавуваат непроверени и неточни информации бидејќи ја загрозуваат истрагата.

„Безбедноста и пронаоѓањето на девојчето е апсолутен приоритет кој е над сите други интереси“, се наведува во соопштението на српското МВР.

Полицијата на 26 март за прв пат го активираше системот „Најди ме“ (Amber Alert) кој итно ја информира јавноста за исчезнување на дете.

Двегодишната Данка Илиќ, која исчезна околу 13 часот, има кафена коса, кафени очи и е висока околу 85 сантиметри.

Во моментот на нејзиното исчезнување таа носела маслинесто зелена јакна, виолетови панталони и црни патики.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави