Под планината Хадрамаут во центарот на Јемен, каде со години беснее војна за која никој не зборува, градот Шибам е еден од највеличествените примери на необичен арапски урбанизам. За жал, поради локацијата и политичката нестабилност во земјата, сè уште не е целосно истражен.
Негова главна карактеристика е вертикалноста на зградите – кули кои достигнуваат висина до 40 метри и седум ката, а кои се изградени од кал. Затоа ова мало гратче со околу 7.000 жители го нарекуваат и „пустински Чикаго“, но почесто „пустински Менхетен“.
ГРАД ИЗГРАДЕН НА КАМЕН ПОДРУМ
Уште една од главните карактеристики што го прават овој град фантастичен елемент на пејзажот е неговата локација и морфологија. Сместен на наводнувано земјоделско земјиште, Шибам е изграден на темели од камен.
Ваквите темели овозможиле градот да биде отпорен на честите поплави во областа. Повеќето од неговите објекти се изградени во текот на 16. век, по големата поплава што ја уништила претходната населба во 1532–1533 година, пишува Hidden Architecture.
Шибам бил богат град поради земјоделството и трговијата со зачини и темјан и тоа е причината поради која градот трпел постојани напади и инвазии. Морфологијата на градот и неговите згради одговара на неопходноста од заштита од овие напади.
Правоаголниот план на Шибам (330 метри долг и 240 метри широк) е опкружен со ѕид кој го штител градот од бедуинските напади. Компактноста и вертикалноста на неговите градби е исто така последица на одбранбениот карактер на Шибам.
ПО ЕДНО СЕМЕЈСТВО ВО СЕКОЈА ЗГРАДА
Многу од кулите се поврзани со мостови за да можат граѓаните да избегаат во случај на непријателски напад.
Во секоја зграда обично живее едно семејство: првиот и вториот кат служат како штала за животни (животните биле чувани дома во случај на напад) и остава, а третиот кат некогаш бил дом на семејството.
Зградите во Шибам се градени со тули од кал, техника која останала непроменета во последните векови. Имаат трапезоиден пресек за да се намали тежината на ѕидовите на горните нивоа.
Подовите се направени од дрво и ги носат надворешните ѕидови. Во внатрешноста, дрвените столбови ја намалуваат должината на гредите. Бидејќи фасадата е еродирана од ветер и дожд, ѕидовите периодично се прекриени со кал.
РЕФЕРЕНЦА ЗА УРБАНИЗМОТ НА БЛИСКИОТ ИСТОК
Во последниве години на Шибам му се заканувале природни катастрофи, како и граѓанската војна и тероризмот што Јемен сè уште ги трпи. Во 2008 година, поплава предизвикала голема штета на зградите.
После тоа, започната е програмата за реставрација. Во 1982 година, градот е прогласен за светско наследство од УНЕСКО токму поради опасноста од евентуална војна во Јемен.
Од друга страна, Шибам станал референца за урбанистичко планирање на Блискиот Исток, за што сведочат планираните архитектонски проекти во областа кои имаат морфолошки врски со овој јеменски град.
Извор: Порта 3