Скопје 2023  

Сефер Тахири (фото: Б. Јордановска / ЦИВИЛ)

Eлкичката на градоначалничката е само лајтмотивот за искажување на акумулираниот револт кон дереџето во кое дојде Скопје. За да имаме нечисто Скопје, со воздух кој труе, со сообраќаен хаос, со автобуси кои се расипуваат на улица, со несредени паркови, одговорност имаме сите. И ние неутралните набљудувачи на состојби во земјата и градовите.

 

 

 

Пишува – СЕФЕР ТАХИРИ

„Кога ќе помислите дека сте во лоша состојба, сетете се на несреќната новогодишна елка во центарот на Скопје“. Овој е само еден од насловите од многуте во медиумите во земјата, а особено во регионот. Се мајтапат со Скопје, со нас сите, со граѓаните на главниот град.

И ние си тераме мајтап со самите себеси! Добро, за добриот предновогодишен хумор, би рекол дека комичната вест дури е позитивна, но од друга страна, освен „комедијата“, се чувствува и горчина кај нас.

Но, почитувани, не е само до елкичката на градоначалничката, туку симболот на новогодишниот празник, е само лајтмотив за искажување на акумулираниот револт кон дереџето во кое дојде главниот град на земјата.

Скопје, прогласен за град на културата во 2028 година, во 2023 има воздух како во најотровните градови во светот.

„Скопје десетти најзагаден град во светот, граѓаните утрово дишат нездрав воздух“ – беше еден од многуте наслови, објавени овие денови во медиумите, кои известуваат дека Скопје е во групата на нездрави градови, заедно со Лахоре и Карачи во Пакистан, Њу Делхи и Калкута во Индија, Бишкек во Киргистан, Акра во Гана, Кувајт сити во Кувајт. За утеха, пред нас во регионот е Сараево, а во светот градот Вухан во Кина.

Загадувањето е вистинската, трагичната вест. Се труеме или нè трујат, резултатот е ист, нè умираат секој ден помалку. Онака систематски. Данела, не само што се пошегува со сите нас, туку и ги „демантира“ сите вести кои се пласираат во медиумите дека воздухот во главниот град е опасно загаден. Која невидена арогантност!

А елката е олицетворение на тоа како градската власт нè понижува, ни го повредува достоинството, нè засрамува, нè гледа од „високо“ нас, обичните граѓани. Деминутивно!

Елката е огледало во кое сите треба да се гледаме! Дозволивме да се градат споменици и статуи во рамките на проектот „Скопје 2014“ кои чинат околу една милијарда евра. Дозволивме да имаме бронзени лавови, високи пет метри, а немаме пречистителни станици. Имаме „Триумфална порта“ како во Париз, а дишеме воздух како да сме во Индија, Пакистан или Кина. Жално, многу жално!

Велат дека со поставувањето на елката, Данела си тера инает со сите, со партиите, со „шпицниот“ градоначалник Христијан Мицкоски, со советниците во градскиот совет, со новинарите и медиумите и конечно и со граѓаните, со тие кои ја гласаа и со тие кои не го дадоа гласот за неа. Вакво Скопје, без нималку европски дух – не заслужуваме!

Но за да имаме ваква „неградска“ власт, одговорност имаат сите. ВМРО-ДПМНЕ, која застана зад успешната менаџерка, и Алтернатива и Алијанса на Албанците. Во предизборието, нејзиниот лидер, Арбен Таравари, нè поздравуваше на Фејсбук со „Добро утро со Данела“. Секако, и СДСМ или дел од партијата, која тивко го бојкотира Шилегов, затоа што реализираше инфраструктурни проекти, особено улици во сите делови на градот. И во општини и населби кај што живеат Албанците. Тука е и скопското крило на ДУИ, предводено од сегашниот лидер на опозициското Демократско движење, Изет Меџити (порано 12 години беше градоначалник на Чаир), кои иако беа во „подржувачка“ коалиција со СДСМ, односно го „подржаа“ Петре Шилегов, по растурањето на коалицијата меѓу Алијанса на Албанците со градоначалничката, само неколку месеци по изборите, стапија во коалиција со Данела. „Левица“ со кандидатот Перо Камиказа не заслужува коментар.

Секако, за да имаме нечисто Скопје, со воздух кој труе, со сообраќаен хаос, со автобуси кои се расипуваат на улица, со несредени паркови, одговорност имаме сите. И ние неутралните набљудувачи на состојби во земјата и градовите.

Ние се фативме за елката, а можеби „Елката не е мала, туку Александар е голем“! Или „воинот на коњ“, сеедно.


Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА. Текстот е личен став на Авторот.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави