Смилево е новата културна револуција

Новата манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“ преку автентична уметничка програма и низа музички настани кои се организаат деновиве, ја слави историјата и културата и ја заживува културната меморија и традиција низ активна современа култура, на едно помалку заборавено место, Смилево. Настаните што се организираат во чест на Смилевскиот конгрес се своевидна културна револуција со израз на современа авторска уметност.

 

– „Манефестација Смилевски Конгрес“ е автентичен концепт за промоција и заживување на културната меморија и традиција низ активна современа култура. Првата сезона на „Смилевски Конгрес“ е фестивалска и започнува на 17-ти и 18-ти мај. Првиот ден ќе настапи групата Љубојна, заедно со Џими Барка Експириенс, група од Словенија кои што ни се гости. Втората фестивалска вечер ќе биде Пијан Славеј, Дина Јашари трио, и Такси Конзилиум. Покрај тоа, ќе има и уметничка програма поврзана со ленд арт. Значи цело село е замислено како сценографија, видео инсталации и инсталации во простор уметнички со скулптура. Одамна не им било дадено значајно место на Смилево, а го заслужува заради тоа што токму таму е почетокот и организацијата на Илинденското востание.  Ова е нова културна револуција – вели Влатко Деловски, директорот на Манифестацијата „Денови на Смилевскиот конгрес“.

Првиот концерт од серијата „Кооперација сешн“ на „Смилевски Конгрес“, се одржа на 15-ти април и настапи мистичната и харизматична „Мојра“ со маестралниот музичар Оливер Јосифовски од „Љубојна“. „Кооперација сешн“, како што најавува организаторот, е номадска платформа за квалитетна авторска музика, која ќе се изведува низ кооперациите во регионот.

„Кооперација сешн“ е поттикнат од значењето на постојаната соработка на уметниците и културните работници преку која им се оддава почит на традицијата и на македонската историја.

– Кооперацијата е како културна институција, како белег од минатиот век, ми се чини како познат извик од времето на моите родители, како повик кон ближен човек, што на истите струни ги произведува истите треперења. Новиот културен „Смилевски конгрес“, калем на историската вредност и приспособен во новиот контекст и време, ја продолжува истата таа борба, овој пат културна борба – вели Деловски.

„Манефестација Смилевски Конгрес“ е уште еден автентичен и прогресивен израза на современото и културно творештво на денешното време со кое се оддава почит на минатото и се слави сегашноста.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави