Заврши најуспешниот Саем на книга

Заврши 36. издание на Саемот за книга со зголемена продажба со рекорден број настани и значително присуство на многу македонски, регионални и светски автори. Издавачите задоволни во однос на претходните години затоа што  генерално имале добар профит, многу саемски дружења и настани во склоп на саемот. Годинава, ако споредиме со претходната година, горе долу пропорционален е бројот на шетачи и купувачи, за разлика од лани.

 

Читателите реагираа за повеќе работи меѓу кои, заради поскапувањето на цената на влезницата, од 80 на 100 денари. И покрај тоа што сѐ се покачи, ова беше очекувано, но за жал тие тоа не го предвидоа и разликата од 20 денари им беше шок. А од Скопски саем со хуман гест, разликата, односно 15% од сите влезници го донираа на Детско село.

 

Во чест на 23 април, Светскиот ден на книгата, на 36. издание на Саемот на книга, Скопски Саем како организатор на саемот предаде две добротворни донации за СОС Детското село и за ДУЦОР Партенија Зографски за деца со оштетен слух.

Донациите содржат вкупно 200 книги (по 100 за секоја од двете институции) од различни жанрови од домашни и странски автори, ќе помогнат да се доближи културата за читање кај овие деца.

Оваа донација е продолжување на хуманитарната акција која се спроведува во текот на целиот Саем на книга 2024, преку која 15 денари од секоја продадена редовна влезница се одвојуваат за помош на СОС Детското село.

Посетителите како и секоја година од кога Саемот е префрлен во салата Борис Трајковски, реагираат дека нема доволно воздух во салата и дека организаторите треба да најде посоодветен простор за одржување на Саемот.

Немањето соодветен простор е проблем на ниво на град Скопје. Со рушењето на комплексот Скопски Саем кај Континентал, Скопје изгуби скапоцен простор кој беше изграден исклучиво за таа намена.

 

Понатаму, купувачите од една страна задоволни од богатата програмска шема и големиот број настани кои беа во организација на издавачките куќи, но од друга страна  реагираа на цените на книгите. Немало доволно попуст, не биле атрактивни цените, итн..

А тие, издавачите притиснати исто така од покачената цена на хартијата, зголемената цена за секаков вид услуги, права, превод, лекторирање итн, притиснати во тесно, се обидоа да ги намалат цените пропорционално на ниво на сите давачки.

„Се обидуваме да излеземе во пресрет секогаш на читателите, меѓутоа ова е тоа што можеше да се извади како намалување на цените за Саемот на книга“, велат од Сакам книги, со тоа што потенцираат дека на сите штандови имаше книги за сечиј џеб. Тие и оваа година на Саемот на книга донесоа светско име, Њујорк тајмс бестеселер автор, Алиса Фини, која неколку часа потпишуваше примероци на саемската дружба со македонските читатели.

 

„Не е фер читателите да очекуваат големо намалување на оние наслови кои излегле непосредно пред Саемот на книга. Тоа не е политика на ниту една издавачка куќа. Меѓутоа намалување имаше на оние постари наслови и се движеше до 50 %,“ велат од Издавачката куќа Топер.

Од Антолог задоволни од Саемот и од дружбата што ја имале за време на саемските денови. „Многу труд, посветеност и организација бара саемот, ама на крајот се исплати“ изјавија од Антолог кој годинава на нивниот штанд донесоа светско име шведскиот крими автор, Андерс Рослунд и во еден ден собраа 17 нивни македонски автори на штанд.

 

Издавачки центар ТРИ и Арс Ламина донесоа повеќе автори од регионот и направија голем број промоции, настани за деца и целосна програма и убава енергија.

 

Помалите издавачи условно кажано задоволни од промената годинава, заземајќи го централното место и со тоа овозможувајќи поголема и подобра видливост.

Македонската асоцијација на издавачи секоја година организира настан кој ги обединува скоро сите од книжевната фела и се обидува да направи прогрес во однос на програмскиот дел, во однос на организацијата и да ги доведе до повисоко ниво работите од претходната година.

 

Се одржаа неколку промоции од страна на сите Издавачки куќи од афирмирани и помалку афирмирани автори. Оваа година се одржаа и доста работилници за децата и учениците бидејќи годинава тие беа чести посетители на Саемот, и како организирани посети но и индивидуално.

 

Саемот на книга дава можност на едно место да можеш да се сретнеш со твоите омилени автори, да добиеш потпис на твоите примероци, да размениш по некој збор со нив, ама тоа скоро и никој да не го коментира, а тоа е една од главните идеи на овие настани. Авторите да се доближат поблиску до читателите, да се дебатира, разговара, да се изнесуваат конструктивни критики во однос на објавените дела. Така функционира во светот.

Кај нас во фокус е цената на влезницата и попустите. За добра книга нема висока цена! Ама за да стигнеме на ова ниво, треба да се случи промена на свеста и книгата да стане приоритет, а не цел на критики, поплаки и бојкот.

 

Оваа година Саемот на книга го одбележаа повеќе авторски имиња и тоа, Алиса Фини и Андерс Рослунд од светските имиња кој привлекоа многу македонски читатели.  Од македонските автори би ги издвоиле Лидија Димковска која годинава се круниса со неколку награди, Фросина Пармаковска која беше присутна скоро сите саемски денови дружејќи се со своите читатели, светски познатата Румена Бужарова и уште многу други кои дојдоа да се видат со нивните читатели затоа што за еден автор, блискоста со читателите е од круцијално значење. Фидбекот што го добиваат од нив, енергијата и читањето на нивните дела е она што им дава поттик да творат понатаму.

Се гледаме на Саем наредната година, а дотогаш обидете се на него да гледате како на едно културно патување кое носи обновени перспективи за иднината!

АКТУЕЛНО

Поврзани објави