Зошто Полска има најмногу странски инвестиции?

300.000 илјади Полјаци се вратиле дома само во последните три години. Истиснати од пандемијата и Брегзит, 160.000 ја напуштиле Велика Британија, нивното главно прибежиште за подобар животен стандард. Во отсуство на официјална статистика, полските власти проценуваат дека за 20 години колку што Полска членува во ЕУ, се вратиле околу милион граѓани.

На 1 мај 2004 година, Полска и уште 9 земји се приклучија на Унијата, зголемувајќи го бројот на земји-членки на 25. По пат на референдумско изјаснување, 77,5 одсто од граѓаните гласаа за интеграција во европските структури. Тоа беше најголемото проширување на Заедницата во историјата, кое по излегувањето на Велика Британија од ЕУ, се состои од 27 земји.

Денес, полјаците остануваат во првите редови на најевро-ентузијастички нации, гледајќи ја ЕУ како извор на подобрување на општиот животен стандард, цивилизацискиот напредок на земјата и слободата на движење на Стариот континент.

Од многу аспекти, Полска и нејзините претпријатија најдобро го искористија своето време во Европската унија во споредба со земјите од регионот кои се приклучија на ЕУ во 2004.

Полска, лидер во економскиот раст во Европа

Од пристапувањето, полскиот БДП се зголеми приближно два пати во реални услови. Другите нови земји-членки од регионот беа далеку зад Полска во однос на стапката на економски раст, економиите на Чешка и Унгарија пораснаа само за околу половина процент.
Изворите на таков силен раст треба да се бараат во динамичниот развој на голем број сектори на полската економија. Брзорастечки области се индустриската преработка, транспорт и логистика, вода, канализација и управување со отпад, градежништво, услуги во јавниот сектор и сместување и угостителство, информациски и комуникациски сектор и деловните услуги за компании.

Просечна плата 1900, минимална 1010 евра
Пред 20 години просечната плата во Полска изнесувала 196 евра, денес националниот просек изнесуваше 7.768,35 PLN (полски золти) или 1849 евра. Зголемувањето на просекот се должи за зголемување на минималната плата која лани изнесувала 3.600 PLN а овој јануаари е зголемена за 17,8% и изнесува 4.242 PLN или 1010 евра.

Стапка на невработеност 5,4%
Регистрираната стапка на невработеност на крајот на февруари 2024 година изнесува 5,4%. Пониска стапка на невработеност во февруари последен пат е забележана во 1990 година. Во 2004 кога Полска сеуште не е дел од европското семејство, стапката на невработеност била 20,6%.

Полска прва во регионот по странски инвестиции

Од пристапувањето кон ЕУ, кумулативната вредност на странските директни инвестиции во Полска се зголеми за над 200 милијарди американски долари. Овој резултат, и го дава првото место во регионот. Полска беше меѓу земјите на ЕУ со најсилен раст на расходите за преработка, а во поголемиот дел од индустриските сектори, движечка сила на инвестициите беа компаниите со странски капитал.

Полска прерасна во извозна сила
Со исклучок на автомобилската индустрија, Полска стана главен производствен центар во Централна Европа. По 2004 година, Полска имаше најсилно зголемување на учеството во вкупниот извоз на земјите од ЕУ за над 3 процентни поени на речиси сите преработувачки гранки.

Најсилен напредок има во извозот на градежни и транспортни услуги. Во текот на последните 20 години, Полска го зголеми својот удел во извозот во индустријата за дрво и мебел, тутун, производи од гума и пластика, електрични апарати, метални производи.

Една од најголемите кориснички на ЕУ фондови

Полска ќе остане еден од најголемите корисници на фондовите на ЕУ, кој ќе биде зајакнат со ослободување на пари од Националниот план за реконструкција.

Вкупниот износ на средства доделени за Полска во перспективата на ЕУ 2021-2027 година е приближно 170 милијарди евра. Ова во наредните години ќе биде клучен поттик за инвестиции и можност за натамошен цивилизациски напредок на државата. Членството во ЕУ и гарантира пристап до пазарот на ЕУ, а од друга страна, обезбедува заштита од конкуренција од ефтини добавувачи од трети земји.

Најмногу автомобили се возат во Полска
Податоци на Евростат (Европски завод за статистика) за 2021 година покажуваат дека најмногу автомобили во земјите од Европската унија на 1.000 жители имало во Полска (687), Луксембург (682), а најмалку во Романија (400) и Латвија (404). Во Северна Македонија се регистрирани 231 патничко возило на 1.000 жители, во Хрватска 465, во Словенија 564, а во Србија на 1.000 жители се регистрирани 325 патнички автомобили.

Иако инвестициите на компаниите во Полска растат побрзо отколку во ЕУ, инвестициска стагнација се забележува во енергетскиот сектор. Експертите посочуваат дека уште многу треба да се направи во областа на инвестициите и истражувањето и развојот.

Релативно најслаб напредок споредбено со земјите од ЕУ е забележан во делот на наука и знаење, повисоки иновации, технолошки напредок . Полска во наредниот период треба да работи и на подобрување на индустриите како хемиската, фармацевтски производи и машини, каде уделот во извоз на ЕУ е низок а надворешно-трговскиот биланс е негативен.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави