Деца помлади од 15 години се отруле со алкохол во Белград, некои имале речиси 3 промили

Група деца кои во тешка алкохолизирана состојба биле примени во Воено-медицинската академија се отруле со алкохол во ноќниот клуб Синер во Белград, јавува Н1. Од клубот порачуваат дека со настанот немаат врска и дека просторот бил издаден за приватна прослава.
Во средата вечерта во ВМА биле примени 12 деца, помлади од 15 години, кои биле во тешка алкохолизирана состојба. Според лекарите, некои деца имале дури 2,8 промили алкохол во крвта.

Според неофицијалните сознанија, децата се отруле со неквалитетен алкохол кој им бил послужен во клубот.

Од клубот соопштија дека просторот во средата вечерта бил изнајмен за приватна прослава и дека управата на клубот нема врска со наведените настани.

„Изразуваме жалење и загриженост поради несаканиот настан“, порачаа од клубот.

Вишото јавно обвинителство соопшти дека формирало предмет и наложило да се идентификуваат одговорните.

„Главниот јавен обвинител на Вишото обвинителство во Белград Ненад Стефановиќ наложи да се идентификуваат одговорните и во соработка со полицијата да се утврдат околностите на случајот, по што ќе биде донесена одлука за квалификација на кривичното дело и процесирање на одговорните“, се наведува во соопштението.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави