Македонија тоне во ѓубре, рециклирањето е во зародиш – сѐ што се фрла, може повторно да се користи!

Отпадот е можност за инвестиции, а ние се бориме и со дивите и со легалните депонии – порача Каја Шукова, министерка за екологија на Годишната конференција на Македонската асоцијација за управување со отпад (МАСВА)

Речиси стопроценти од собраниот отпад во земјава завршува на депониите (99,8 проценти во 2022 година според ДЗС), а најмногу се рециклираат отпадоците од железен метал, необоени метали, хартија, картон и пластика. Михаил Матевски, претседател на Македонската асоцијација за цврст отпад, вели дека не сме толку богати за да се расфрлуваме со отпадот, оти водечката премиса во последните неколку години е дека „се што се фрла може и повторно да користи“.

– Треба да се прашаме што правиме и кој ќе ни го реши проблемот со отпадот? Циркуларната економија е иднината – потенцира Матевски.

Статистиката е неумоллива и според неа, лани, вкупното количество на собран комунален отпад во земјава изнесувало над 605 илјади тони и во споредба со 2021 година, тоа е намалено за 4,2 проценти. Најмногу ѓубре се собира во Скопскиот регион – 28,4 проценти, а домаќинствата учествуваат со дури 84 проценти од вкупниот собран отпад во државава.

– Најтешко ми е кога треба да зборувам за отпадот, бидејќи низ годините е многу малку направено за да се реши овој проблем. Крајно време да ги здружиме ресурсите и да направиме повеќе. Имаме одлични закони, но доцниме со имплементацијата. Отпадот е можност за инвестиции, а ние се бориме и со дивите и со легалните депонии – порача Каја Шукова, министерка за екологија на Годишната конференција на Македонската асоцијација за управување со отпад (МАСВА), која ќе ја третира „Имплементацијата на кружната економија во управувањето со цврст отпад“.

Како сме тргнале, ќе ни требаат две планети за ресурси!

Ако продолжиме со ова темпо на потрошувачка, нема да не скрпат цели две планети за ресурси, поентираше во својата видео порака Карлос Силва Филхо, претседател на Интернационалната асоцијација за управување со цврст отпад.

– Според димензиите на потрошувачките општества, може кажеме дека ќе ни требаат три планети ресурси, ако имаме стандард како на пример на Германија, додека ако живееме како Италијанците, тогаш потребата се сведува на 2,5 планети за ресурси! Ни се случуваат три планетарни кризи – загуба на биодиверзитетот, климатските промени и загадувањето, така што веќе не е „5 до 12, туку 12 и 5“ за да се свестиме за исфрлањето на отпадот. Фигуративно – прозорецот за излез е затворен и крајно време е од класичниот линеарен производствен процес, да преминеме кон циклична економија. А, тоа значи да се ослободиме од депониите, да го стимулираме рециклирањето и да воведеме нови технологии – порача Силва Филхо.

Нема враќање на пластичните кеси за еднократна употреба

Нема да се случи, поништување или враќање назад на процесот за намалување на употребата на пластичните кеси за еднократна употреба, бидејќи тоа се обврски за усогласување со законодавството на ЕУ, изјави за „Слободен печат“, министерката за екологија Каја Шукова.

Шукова додаде дека не се размислува за зголемување или намалување на цените на биоразградливите кеси и нивната цена во трговијата останува 15 денари за парче.

Но, производителите на кеси се жалат дека материјалот за изработка на биоразградливите кеси, согласно стандардот за биоразградливост, е тешко достапен за македонскиот пазар, а тоа им прави проблеми во континуираното призводство. Тие постојано истакнуваат дека треба да се ревидира законската регулатива и да се направат поголеми напори за да се спречи нелојалната конкуренција со нудење на бесплатни пластични кеси.

Дополнително, претставниците на индустријата предлагаат намалување на надоместокот за биоразградливите пластични кеси, кои би се продавале после 1 јули 2023 година.

Извор: Слободен печат

АКТУЕЛНО