МОН објасни како ќе работат училиштата на 23 април и 7 мај

Иако Владата ги прогласни 24 април и 8 мај за неработни денови за цела држава поради изборите, деновите пред гласањето (23 април и 7 мај) ќе бидат работни денови за сите, соопшти Министерството за образование и наука. Многумина сè прашуваа дали 7 мај ќе се спои со пролетниот распуст кој завршува заклучно со 6 мај, а 8 мај е веќе неработен ден.

– Иако гласањето е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал. На 23 април и 7 мај, односно деновите пред гласањето ќе бидат работни за сите училишта. Во училиштата во кои ќе се одвива изборниот процес, наставата ќе се реализира од 7 до 11 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија, односно класови. Во останатите училишта каде не се спроведува гласање, наставата се реализира вообичаено и согласно предвидениот дневен распоред – соопшти МОН.

Наставната година ќе трае според предвиденото – за учениците од средните училишта до 10 јуни, а за основците до 17 јуни. Од МОН велат дека наставата во оваа учебна година ќе биде реализирана целосно и во основните и во средните училишта.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави