Со транспаренти на кои пишуваше „Да бидеш транс не е избор, да си трансфобичен е“, „Не ми треба дозвола да бидам јас“, „Ве сакаме такви какви што сте“, маршот во организација на граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „ТрансФормА“ започна пред Владата на пладне, а заврши пред Собранието.

Активистот Лео Поповиќ пред почетокот на маршот посочи дека „ТрансформА“ застапува за иднина каде трансродовите лица може да живеат отворено, безбедно и достоинствено.

„’ТрансФормА’ стои решително во својата посветеност да оддаде почит на сите оние кои ги изгубивме поради насилство и дискриминација што ја туркаат трансродовата заедница на маргините на општеството“, рече Поповиќ.

фото: Радио МОФ

Денот кој се одбележува, како што рече Поповиќ е важен потсетник за тековните борби пред кои се исправени трансродовите лица ширум светот, вклучително и во Северна Македонија.

„Тоа е ден за размислување и анализирање на системските неправди кои продолжуваат да ги поттикнуваат насилството и дискриминацијата против трансродовите личности, пред се иницирани од конзервативните анти-родови движења кои шират дезинформации и се обидуваат да шират бесмислена омраза“, рече Поповиќ.

Видливоста е од суштинско значење во борбата за правата на трансродовите луѓе, особено во недоволно либерално и прилично затворено општество како македонското, рече Поповиќ.

„Видливоста е вистински предизвик за стереотипите, ги разобличува заблудите и придонесива трансродовите луѓе да бидат прифатени како луѓе. Петтиот последователен Марш за видливост на транс луѓето во Скопје е всушност доказ дека трансродовите лица одбиваат да бидат избришани или замолчемни и продолжуваат со својата битка да бидат прифатени како интегрални членови на нашето општество“, рече Поповиќ.

Сепак, и покрај веќе постигнатиот напредок, активистот истакнува дека не може и не смее да се дозволи да се игнорира ширењето страв кој, како што рече, го предизвикуваат конзервативните анти-родиви движења.

„Овие движења се обидуваат да ги поткопаат правата и достонинството на трансродовите лица преку правење лажна паника, предизвикување дискриминација и сеење омраза. Мора да ја отфрлиме оваа штетна реторика и да ги поддржиме вистинските семејни вредности: емпатија, разбирање и бесусловна љубов“, дециден е Поповиќ.

 

Ова е петти поред последователен Марш за видливост на транс луѓето во Скопје, а од „ТрансформА“ велат дека тоа е всушност доказ дека трансродовите лица одбиваат да бидат избришани или замолчени и продолжуваат со својата битка да бидат прифатени како интегрални членови на нашето општество.

Извор Радио МОФ