За два дена, две деца каснати од бездомни кучиња во Тетово

Во изминативе два дена, две деца се повредени поради напади и каснување од бездомни кучиња во Тетово, а граѓаните алармираат дека не може да излезат од дома поради глутниците.

Во СВР Тетово, вчера, 59-годишник од тетовско Беловиште пријавил дека бил каснат малолетниот син од куче скитник, околу 20 часот, на крстосницата на улиците „Видое Смилевски-Бато“ и „Борис Кидрич“. Четириесет и седумгодишниот тетовец С.С. пријавил на 27 март во 21 часот и 40 минути, во СВР Тетово, дека на улицата „Љубо Божиновски-Пиш“ во Тетово, била касната неговата ќерка од куче скитник, се вели во информациите на СВР Тетово.

Жител на населбата Борис Кидрич, од истоимената улица, фотографирал како застанале глутница кучиња пред премин и сите што поминувале се плашеле.

– Иако важат за фреквентно место, населбата Борис Кидрич и истоимената улица се предизвик за граѓаните да поминат одејќи дома, до работа или каде било. Бараме да се преземат соодветни мерки и итно да се најде начин за справување со бездомните кучиња. Утринава бев нападнат од нив, а верувам дека и стотина ученици, кои наутро одејќи на настава, поминуваат со страв, се нападнати и ја избегнуваат локацијата. На враќање од работа – истата случка, не може да се помине од толку многу кучиња – се жали жител од оваа населба.

На 14 март, на новинарско прашање кога ќе се најде соодветен начин за справување со бездомните кучиња, градоначалникот Биљал Касами се пожали дека има опструкции при подготовката на тендерот.

– Во делот на подготовката на тендерската документација за да се објави, имало некои компликации како што, за жал, се случува тука, кај нас, за се да ѝ се направи препрека на Општината. Но, работиме да се расчисти тоа и да се објави тендерот за избор на фирмата што ќе се грижи за тие кучиња, за согласно со тоа да работиме во делот на тргање на тие кучиња од градот – истакна Касами.

СВР Тетово на 13 март забележало вкупно шест пријави од граѓани што биле повредени при напад од бездомни кучиња. Повредени се четворица малолетници, како и двајца мажи на 44 и на 54 години. Според евиденцијата во СВР Тетово, над 30 лица годинава побарале повредите од бездомните кучиња да бидат евидентирани од полицијата.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави