На мостот „Беласица“ петти месец се вози по две ленти, новите цевки сè уште не се поставени

После осум месеци откако избувна пожарот на мостот „Беласица“, по мостот и натаму се вози само по две ленти, а поставувањето на топловодните цевки не е стигнато до никаде.

Градоначалничката Данела Арсовска неколкупати во изминатиот период изјави дека причината зошто мостот не се пушта во целост во сообраќај е поради безбедноста на работниците кои ги поставуваат цевките. Но, она што и денеска можеше да се види на терен е дека работници нема, а монтирањето на топловодните цевки, кои лежат на тревникот покрај мостот, не е ниту започнато.

На прашањето до ЕСМ до каде е монтирањето и кога во целост ќе завршат работите, оттаму нема прецизен одговор ниту објаснување зошто толку бавно се одвиваат активностите со оглед на фактот дека демонтажата на опожарениот топловод заврши уште кон крајот на август.

-Во текот на изминатиот период, ЕСМ Дистрибуција активно работи на санација на цевководот кај мостот Беласица. Успешно беа отстранети оштетените цевки и донесени се нови. Поставувањето на новите цевки е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа и се вложуваат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок. Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите – одговараат од ЕСМ.

Одговорот не се разликува од оној што го добивме уште во октомври, ниту пак укажува за каква комплексна активност станува збор што пет месеци по демонтажата на оштетените цевки уште не се започнува со поставувањето на новите.

Од почетокот на септември по мостот се вози само по две ленти, двете средишни не се пуштаат во употреба додека ЕСМ не ги постави цевките. Од Град Скопје тогаш потенцираа дека согласно експертскиот извештај за состојбата на мостот, утврдено е дека на него нема структурни оштетувања кои ја нарушуваат безбедноста.

Од извештајот е констатирано дека има површинско напукнување на надворешниот бетонски слој во средишниот дел на едната страна на мостот, предизвикано од горењето на изолацијата на топловодните цевки на ЕСМ, кое ЕСМ ќе го санира со цел поставување нови топловодни цевки како нивна обврска за овозможување непрекинато снабдување на граѓаните на градот со топлинска енергија, соопштија од Град Скопје.

Споменатиот извештај никогаш не беше презентиран во јавноста, а при крајот на годината, на мостот беше извршено тестирање со оптоварување од над 200 тона, за да се увиди дали неговата состојба е стабилна и дали е безбеден за сообраќај, со поставување на неколку натоварени камиони од двете страни по должината на мостот.

Според анализите, утврдено е дека мостот е во одлична состојба и е сигурен и безбеден за сообраќај и движење на граѓаните. Дополнително беше извршена прва фаза на пробно товарење, а во моментов се чека завршување на поставувањето на цевководот за топлинска енергија по што мостот ќе биде пуштен во целосна употреба – одговарија од Град Скопје за „Слободен печат“.

Од Градот очекуваме и одговор на прашањата дали тестирањето го изведувала лиценцирана фирма за испитување на мостовски конструкции која може да потврди дека мостот е безбеден или тоа го утврдиле вработени во ЈП „Улици и патишта“, но и на прашањето каква е поврзаноста на поставувањето на топловодните цевки со тоа што мостот не се пушта во употреба, односно зошто работниците би биле небезбедни доколку се одвива сообраќај на сите ленти на мостот, кога Град Скопје тврди дека мостот е во одлична состојба.

Во јавноста останаа неразјаснети многу дилеми околу мостот и нејасно е зошто доколку стануваше збор само за „козметичка“ санација, таа не завршува ниту осум месеци по пожарот.

Деканот на Градежен факултет Горан Марковски, непосредно по опожарувањето на мостот посочи дека доколку станува збор за мало оштетување на „Беласица“, санацијата ќе трае неколку месеци, ако е поголемо и цела година.

Безмалку девет месеци поминаа, а мостот не е целосно пуштен во употреба. Не знам што се работи сега таму, но предолго трае доколку навистина станува збор само за козметичка санација. Јас и понатаму сметам дека мостот не се испита како што треба – вели професорот Марковски.

 

Извор Слободен печат

 

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави