Експерти од САД ги обучуваат вработените во Националниот парк „Шар Планина“ за гаснење шумски пожари

Пожарите на Шара мируваат само кога се спуштаат температурите и при поројни дождови како изминативе неколку дена кога временските прилики за среќа успеаја целосно да ги ликвидираат пожарите на шарпланинскиот масив.

За еден месец на планината од пожарите се изгубени повеќе од 400 хектари шумска површина.

– Од почетокот на април до пред неколку дена имавме летни температури, вегетацијата се уште не беше разлистана, а денес имаме снег. Зимата е пократка, летото е подолго и симптоматично е што пожарите се појавуваат со поголем интензитет и почесто. Очигледно е дека условите се менуваат, а за справување со вакви екстреми немаме модел затоа што се потпираме на искуства. Јавната установа Национален Парк Шар Планина е релативно нова институција и токму на самите почетоци е вистинско време да се прилагодиме да не се фокусираме само на досегашните искуства туку да се фокусираме и на тоа што може да се случи, рече Ибрахим Дехари директор на НП Шар Планина.

Шумарската Служба на САД има повеќе од 100-годишно искуство во справување со шумски пожари, а нивни екипи на Шар Планина се веќе една недела. Група експерти помагаат НП Шар Планина да воспостави систем на ефикасно справување со пожари на територијата на паркот, преку подготовка на план за справување со пожари и интензивна теоретска и практична обука за сите вработени. Обуката се однесува на протоколарно постапување при инциденти, до планирање и тактики за справување со пожари на отворено, комуникација, употреба на алати, следење на временска прогноза, како и безбедност при работа.

– На обуката учествуваа и претставници на ЦУК, ДЗС и противпожарната територијална единица од Гостивар, како и неколку локални волонтери со цел да се зајакне меѓуинституционалниот пристап при справување со вакви катастрофи. Денес е последниот, практичен дел од обуката. Преку тактики за воспоставување директна или индиректна линија за справување со пожар вежбаме и дискутираме можни сценарија за справување со пожар при различен тип вегетација и различна топографија. Ваквите соработки и комуникација во мирни услови, а не во услови на кризни настани, се од особена важност за приближување на ставовите и можно заедничко интервенирање во иднина. Особен акцент беше ставен на потребата од едукација и превенција и затоа во иднина ќе имаме заеднички институционален пристап, па така уште еднаш потсетуваме дека палење оган е недозволено и неодговорно однесување, рече Дехари.

Тој додаде дека со помош на неколку различни донатори се подобруваат нивните институционални капацитети.

– Така и последната донација од пумпа и десет противпожарни комплети облека, рачен алат и една грбна дувалка добиени од ОБСЕ ни се од огромна важност за поефикасно и побезбедно справување со пожарите. Шумските екосистеми обезбедуваат услуги за природата и за општеството, ја регулираат климата преку апсорпција на јаглерод, ја поддржуваат биолошката разновидност и живеалиштата, вршат регулација на водите и спречување на поплави и ерозија, обезбедуваат ресурси како дрво и лековити растенија, можности за рекреација, културни и духовни вредности и даваат придонес за квалитетот на воздухот и водата. Со пожарите шумите ги губат сите овие општокорисни функции, а порано или подоцна тој губиток резултира со катастрофи. Иако примарниот акцент најчесто се става на снабдувањето со огревно дрво, повозрасните жители добро знаат дека поради спецификите на теренот најзначајната улога на шумите на Шар Планина е да го заштитат населениет“, изјави Дехари.

По Законот за шуми, физичките лица кои предизвикале шумски пожар се должни да ја надоместат настанатата штета од шумскиот пожар на сопственикот на приватната шума или на Јавната установа Национален парк Шар Планина како субјект кој управува со државните шуми на Шар Планина. За жал,велат од НП Шар Планина сторителите е многу тешко да се пронајдат, но и да се докаже делото.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави